ПопуларноСпорт

Јури Алвити: Левичарот што ја предводеше „Curva Nord“ на Лацио

Италијанските ултраси одамна се поделени на левица и десница – тоа често е и коренот на најголемите ривалства на Апенинскиот полустров. Несомнено, најпознатата „десничарска трибина“ е северната трибина на Лацио – „Curva Nord“.

На прв поглед, политиката и фудбалот изгледаат како сосема неспојливи сфери, но историјата нè учи на спротивното – едното ретко оди без другото. Иако на стадионите често ќе видите транспаренти против мешањето на спортот и политиката, вистината е дека многу европски трибини се отворено политички обоени, особено во Италија.

Навивачите на римскиот клуб Лацио одамна имаат репутација на најекстремна десница – со чести обвинувања за расизам, фашистички испади и отворени повикувања на наследството на Бенито Мусолини. За левичарите, на „Олимпико“ речиси и да нема место.

Сепак, токму на трибина полна со радикални десничари и фашисти, со години како водечка фигура стоеше изразен левичар – Јури Алвити.

Парадоксален лидер меѓу ултрадесничари

Алвити беше еден од основачите на најмоќната навивачка група на северната трибина на Лацио – „Irriducibili“ , формирана во 1987 година. Но, уште пред тоа постоела неформална група од дваесетина млади љубители на Лацио, кои натпреварите ги следеле од десниот дел на северната трибина, тогаш под контрола на постарата група „Eagles Supporters“.

Со доаѓањето на „Irriducibili“, сцената се менува. Пет лидери излегуваат на површина: Фабрицио „Дијаболик“ Пизители, Фабрицио „Тофоло“, „Ер Маркезе“ Андреа Дионизи, Паоло Арквиери и – единствениот левичар меѓу нив – Јури Алвити.

Групата со години се вклучува во судири со други навивачки групи, насилства, расистички инциденти и дури се противи на ангажирање на фудбалери со темна кожа – Тирам и Анелка, на пример, наводно не потпишале за Лацио поради нивни закани. Токму затоа, парадоксално е што „најдесничарската трибина“ ја предводел човек со тетоважа на Че Гевара.

Пријателство над политиката

Алвити подоцна објасни дека неговото учество на оваа трибина нема врска со политика – туку со пријателството. „Irriducibili“ биле група која се познавала цел живот, и различните ставови не биле пречка. Тој се докажал како лидер и бил целосно прифатен.

Дури и неговото објаснување за расистичките повици беше контроверзно: „Тоа не е расизам, туку стратегија да се дестабилизира противникот.“ Малкумина го прифатија тоа објаснување, но со оглед на неговите политички ставови, парадоксот останува.

Бизнисмен и сенка на клубот

„Irriducibili“ беа нарекувани и „бизнисмени“ – пред доаѓањето на Клаудио Лотито како претседател, тие управуваа со мрежа продавници низ Рим каде се продаваа симболи на клубот и групата. Со тоа ја претворија навивачката култура на Лацио во бренд.

Но, Лотито реши да ја прекине оваа симбиоза. Во 2006 година ги обвини за рекет и уцена – и тука започнува нивниот пад. Алвити беше меѓу обвинетите, по што се повлече од трибината и навивачкиот живот. Се врати кратко по речиси деценија, но повторно се повлече, изјавувајќи дека „веќе не ја чувствува истата страст“.

Трибината без левица

Групата „Irriducibili“ полека ја губи својата доминација. Тофоло се повлекува, Дијаболик е убиен (трибината сè уште има знаме во негова чест), „Ер Маркезе“ станува актер, а Алвити се враќа во приватниот живот и бизнисот.

Но, Алвити останува симбол на парадокс – левичар кој предводел трибина симбол на фашизмот. Во 2018 година, тој доби медиумско внимание кога на аматерски натпревар му го спаси животот на судија кому му се слоши – „човекот што некогаш повредувал, овој пат спасил живот“.

Денес, „Ultras Lazio“ ја имаат водечката улога на трибината – и таму повеќе нема левичари. Или барем не такви кои тоа јавно го изразуваат.

Алвити засекогаш ќе остане пример дека политичката идеологија не мора да го одредува изборот на клуб или трибина – љубовта кон клубот понекогаш оди по свој пат, одвоено од сите уверувања.