ПопуларноТехнологија

„Градежни блокови на животот“ пронајдени на астероид блиску до Земјата

Примероците од карпите и прашината собрани од НАСА на астероидот Бену ја содржат хемиската основа за живот, според истражувањето кое обезбедува некои од најдобрите докази досега за можноста вселенските тела да донеле состојки на Земјата што овозможиле развој на животот.

Роботското вселенско летало “OSIRIS-Rex 2020” на НАСА собра примероци од овој астероид блиску до Земјата, дел од некогаш поголемото астрономско тело формирано во Сончевиот систем на самиот почеток, пред околу 4,5 милијарди години.

Примероците се вратија на Земјата во 2023 година во капсула што слета во пустината Јута. Две анализи на примероците беа објавени во средата.

Во онаа објавена од списанието Nature Astronomy, пишува дека е пронајдена мешавина од различни органски соединенија. Во списанието Nature, пишува дека се пронајдени и минерали настанати кога солената вода испарувала од телото од кое е одвоен Бену.

Во примероците беа пронајдени 14 од 20 амино киселини кои градат протеини во живите организми. Пронајдени се и пет нуклеобази, основните компоненти на ДНК и РНК во организмите на нашата планета.

Во раните денови на нашиот систем, планетите и нивните месечини беа „мети“ на астероиди и други вселенски тела кои им носеа вода и други органски соединенија.

„Откривањето на овие градежни блокови на животот во примероците од Бенуе ја поддржува теоријата дека астероидите и нивните фрагменти ја засеале раната Земја со суровините што доведоа до појава на живот“, рече астробиологот на НАСА, Дени Главин.

„Понатаму, фактот дека овие хемиски градежни блокови на животот можат да се формираат во вселената и да се шират низ Сончевиот систем ги зголемува шансите животот да потекнува надвор од Земјата“, додаде Главин.

Органските соединенија пронајдени на тој астероид претходно се идентификувани на метеорити кои паднале на Земјата. Но, тогаш постоеше сомнеж дека тие се контаминирани од копнени извори, додека примероците од Бенуе беа добиени директно од астероидот и пристигнаа на Земјата недопрени.

Можеме да им веруваме на овие резултати“, нагласи Главин.