Технологија

ЛОНДОН – Астрономите открија кислород во древната галаксија JADES-GS-z14-0, која се формирала само 300 милиони години по Големата експлозија.

Ова откритие, постигнато со помош на вселенскиот телескоп „Џејмс Веб“ (JWST), ги менува досегашните претпоставки за брзината на формирање на ѕвезди и галаксии во раната фаза на универзумот, објави научниот портал „Live Science“.

Галаксијата, која првпат беше забележана во 2024 година, покажува присуство на кислород во време кога универзумот бил само два отсто од нејзината сегашна старост.

Бидејќи тешките елементи како кислородот се формираат во јадрата на ѕвездите, неговото рано присуство сугерира дека првите ѕвезди се родиле и умреле многу побрзо отколку што се мислело.

„Бев изненаден од овие неочекувани резултати бидејќи отвораат нов поглед на раните фази на еволуцијата на галаксиите“, изјави астрономот Стефано Карниани од Универзитетот во Пиза.

Истражувачите го користеле и телескопот АЛМА во Чиле за да ја анализираат далечната галаксија и откриле дека содржи дури десет пати повеќе кислород од очекуваното.

Откритието покренува нови прашања за тоа како раните галаксии создале тешки елементи толку брзо.

Научниците шпекулираат дека изненадувачки брзото збогатување на универзумот со тешки елементи би можело да биде поврзано со појавата на масивни црни дупки, влијанието на ѕвездите кои умираат или мистериозната темна енергија, чија улога во еволуцијата на универзумот допрва треба да се разјасни, пишува гореспоменатиот портал.