На повидок откритие на бесконечен извор на чиста енергија добиена од ротацијата на Земјата
Американски научници експериментално докажаа дека е можно да се добие електрична енергија од магнетното поле на Земјата, иако претходно тврдеа дека тоа е невозможно.
Тројца истражувачи од САД тврдат дека успешно ја тестирале теоријата според која е можно да се собира чиста енергија од природните ритми и процеси на нашата планета, произведувајќи електрична енергија додека Земјата ротира низ сопственото магнетно поле.
Иако напонскиот потенцијал што го генерирале е многу мал, ова откритие би можело да доведе до нов начин на производство на електрична енергија, кој би се надоврзал на постојните методи како што се искористување на плимата и осеката, сончевата енергија, ветерот и геотермалната енергија.
Во 2016 година, астрофизичарот од Принстон, Кристофер Чиба (Christopher Chyba), и планетарниот научник од НАСА, Кевин Хенд (Kevin Hand), ја доведоа во прашање можноста за ваков вид на експеримент. Сепак, сега откриле емпириски докази кои сугерираат дека нивната теорија може да биде точна, доколку формата и својствата на спроводниот материјал во експериментот бидат прецизно приспособени.
„Овој мал демонстративен систем генерира континуиран еднонасочен напон и струја (иако со мала јачина)“, наведуваат истражувачите во нивниот неодамна објавен труд.

Како функционира овој принцип?
На почетокот на 20. век, американскиот физичар Самјуел Барнет (Samuel Barnett) реши една научна дилема поврзана со неизвртливоста на магнетното поле во однос на подвижен електромагнет.
Според претходните научни модели, разликата во брзината помеѓу полето и магнетот требало да овозможи создавање напон, но истражувањата на Чиба и Хенд во 2016 година покажаа дека тоа не е возможно. Причината била едноставна: електроните што би се придвижиле од магнетното поле на Земјата брзо би се распоредиле и би ја неутрализирале каква било разлика во набојот.
Меѓутоа, во нивната нова студија, истражувачите, заедно со Томас Чиба (Thomas Chyba) од компанијата Spectral Sensor Solutions, одлучиле да ги преиспитаат овие претпоставки под специфични експериментални услови.
Како беше изведен експериментот?
За да ја тестираат својата теорија, тимот користел шуплив цилиндар долг 29,9 сантиметри, направен од манганско-цинков ферит – материјал избран поради неговата способност да поттикне магнетна дифузија, односно да ја намали ограниченоста на магнетните полиња.
– Цилиндарот бил поставен во целосно затемнета лабораторија без прозорци за да се елиминираат надворешните фактори, како што се фотоелектричните ефекти.
– Ориентиран бил под агол што го поставува нормално на ротацијата на Земјата и нејзиното магнетно поле.
– По извршените мерења, истражувачите регистрирале напон од 18 микроволти.
Кога користеле различни цилиндри или го поставувале истиот цилиндар под друг агол, напонот исчезнувал – што значи дека генерираниот напон навистина доаѓа од ротацијата на Земјата.

Што значи ова откритие?
„Овој уред ја побива претходната претпоставка дека ниту еден проводник што мирува во однос на површината на Земјата не може да генерира енергија од нејзиното магнетно поле“, изјави Кристофер Чиба.
За да ја потврдат својата теорија, научниците го повториле експериментот на друга локација – овој пат во станбена зграда, наместо во лабораторија.
Иако овие резултати се возбудливи и ветувачки, научниците нагласуваат дека е прерано за големи очекувања.
Во моментов, говориме за многу мали количини произведена електрична енергија, со строго контролирани експериментални услови, пренесува “Science Alert”.