Ана (39) за малку не останала неподвижна поради каснување од крлеж: „Веќе 20 години се борам со последиците, понекогаш не можам ни прстите да ги поместам“
Ана Коларевиќ (39) од 2005 година се соочува со последиците од инфекција со лајмска борелиоза, откако на време не ги препознала симптомите и не добила соодветна терапија.
Болеста се влошила поради горештините
„Не сум на антибиотска терапија, но користам поддржувачки третмани и суплементи за да ја одржам функционалноста – иако сè помалку делуваат. Минатата пролет и лето имав сериозно влошување поради екстремните горештини и физичкиот напор, што повторно ја активираше инфекцијата, предизвика воспаленија и несоница. Дополнително ме погоди и микоплазма, што уште повеќе го засили хроничниот замор. Ми требаа неколку месеци за повторно да се стабилизирам“, вели Ана, Хрватка родена во Штутгарт, која од 2005 година се бори со последиците од ненавремено лекувана лајмска болест.
Според неа, болеста не била навреме соодветно дијагностицирана и лекувана, поради што преминала во хронична фаза.

Првите симптоми не ги поврзала со каснувањето од крлеж
Во мај 2005 година забележала дека ја каснале два крлежа. Лекарот ѝ дал профилактички антибиотик и вакцина против крлежов менингоенцефалитис, но денес сфаќа дека тоа било грешка. Антибиотикот го пиела само пет дена – премалку за да се уништи бактеријата борелија, но доволно за да се прикријат симптомите и да се наруши имунолошкиот одговор.
Кога се појавиле првите необични симптоми – болки во екстремитетите, блага температура и чувство на треска – не ги поврзала со каснувањето. Подоцна се јавиле проблеми со варењето, силни менструални болки што дотогаш ги немала, а потоа и несоница, по што почнала да бара лекарска помош. Поради несоницата била упатена кај психијатар, кој ѝ препишал антихистаминици за да може да заспие, но причината за симптомите и понатаму не била откриена – сè до 2011 година, кога сосема случајно налетала на интернет форум каде луѓе споделувале искуства за чудни состојби по каснување од крлеж – и ја препознала сопствената приказна.

Понекогаш не може ни прстите да ги помести
Успеала да собере средства за приватни тестирања во странство, каде тестови како LTT потврдиле присуство на бактеријата Borrelia burgdorferi, како и три коинфекции поврзани со каснувањето. Дури во 2023 година, по терапија со антибиотици и имуностимуланси, дошло до сероконверзија, пренесува порталот „24sata.hr“. Сепак, ниту тогаш не ѝ биле препишани антибиотици од страна на лекарите, па самата ги набавила од друга земја, на сопствена одговорност, следејќи ги ILADS-препораките за лекување на лајмска борелиоза.
Поради здравствените последици, била принудена да премине на половина работно време за да може да ги усогласи обврските со состојбата. Често ѝ е предизвик дури и да стане од кревет, а во најтешките фази, поради воспаленија на зглобови, тетиви и нерви – не може ни прстите да ги помести. Поради сето тоа, започнала постапка за признавање на инвалидитет.
И покрај тоа што ѝ е сè потешко да стои зад DJ пултот, Ана во последно време се обидува да ѝ се врати на својата стара љубов – диџејството.