Анксиозноста често започнува со овие четири проблеми од детството
Многу деца растат во средина која не е нужно насилна или екстремна, но сепак остава длабоки емоционални траги.
Кога детето нема простор да ги изрази своите емоции, кога се чувствува споредувано, занемарено или несфатено, тоа развива одредени обрасци на однесување кои во зрелите години можат да се развијат во анксиозност.

Овие модели на однесување, кои често произлегуваат од дисфункционални семејни односи, ги сподели психотерапевтката Маја Ушиоко, со цел да се подигне свеста за тоа што може да влијае врз нашата психичка стабилност денес.
Според неа, ова се четирите главни обрасци во детството кои можат да бидат корен на анксиозноста:
- Споредување со браќата и сестрите.
- Табу-теми во семејството – теми за кои „не смеело“ да се зборува, како што се сексуалноста, зависностите или конфликтите меѓу родителите.
- Игнорирање на емоциите на детето – кога чувствата на детето не се сметале за важни.
- Етикетирање на детето како „проблематично“, без подлабоко разбирање на причините за неговото однесување.

– Овие обрасци на однесување се многу чести во дисфункционалните семејства. Тие влијаат на нас, на нашите односи, на чувството на сигурност и нивото на самодоверба. Често, токму овие фактори се основа за развој на анксиозност во зрелите години. Но, психотерапијата е чекор кон поквалитетен живот – заклучува Ушиоко.