Д-р Дебора Ли советува: Овие 3 вида зеленчук треба сите да ги консумираат, без разлика дали сакаат или не
Зеленчукот е полн со витамини, влакна, минерали и други хранливи материи и треба да биде неизоставен дел од вашата секојдневна исхрана.
Сепак, одредени видови зеленчук се консумираат помалку од другите и се занемаруваат нивните здравствени придобивки. Докторката Дебора Ли открила 3 вида зеленчук кои секој треба да ги јаде, без разлика дали ги сака или не, поради тоа како тие влијаат на здравјето.
Прокељ
Прокељот е богат со витамини и антиоксиданти. Д-р Ли истакнува дека витамините и антиоксидантите „се важни за човековото здравје, бидејќи тие се спротивставуваат на оксидативниот стрес и го намалуваат ризикот од хронични болести, вклучувајќи висок крвен притисок, дијабетес тип 2, срцеви заболувања и деменција“.
Исто така, прокељот е богат со влакна, кои помагаат за здрава работа на цревата, како и за намалување на холестеролот. Докторката препорачува два до три пати неделно да јадете порција прокељ, што е околу 80 грама, пренесува „Express“. Таа додава дека не треба да се претерува со консумирањето на овој зеленчук.
„Консумирањето премногу прокељ може да предизвика прекумерни гасови и надуеност. Исто така, не претерувајте ако земате лекови за разредување на крвта бидејќи високата количина на витамин К во прокељот може да го поништи ефектот против згрутчување“, посочува докторката.
Спанаќ
Друг зеленчук кој д-р Ли го издвојува е спанаќот. Овој зелен лиснат зеленчук е богат со есенцијални минерали како што се железо, магнезиум и витамин Ц. Редовното консумирање спанаќ има многу здравствени придобивки, тврди таа.
„Спанаќот е богат со нитрати, кои се од витално значење бидејќи помагаат во контролата на крвниот притисок. Содржи големи количини на антиоксиданти кои делуваат против оксидативниот стрес и го намалуваат крвниот притисок“, истакнува д-р Ли. Исто како прокељот, спанаќот содржи и влакна.
„Влакната нѝ помагаат да се чувствуваме сити подолго време, помагаат во контрола на апетитот и телесната тежина, го поттикнуваат варењето, спречуваат констипација и ја намалуваат апсорпцијата на холестерол“, објаснува докторката. Таа препорачува спанаќот да се консумира два до три пати неделно.
Модар патлиџан
Модриот патлиџан не содржи масти ниту холестерол, а е богат со растителни влакна. Д-р Ли посочува дека овој зеленчук е „богат со влакна, кои се неопходни за добро здравје на цревата, варење и функционирање на цревата и ја спречува апсорпцијата на холестеролот од цревата во крвотокот“.
Содржи големи количини на антоцијани, кои му ја даваат темновиолетовата боја. Како што пренесува „Express“, две до три порции храна богата со антоцијани неделно може да го намалат ризикот од срцеви заболувања, да го намалат крвниот притисок и нивото на воспалителни маркери во крвотокот. Докторката препорачува да јадете една третина модар патлиџан или 80 грама модар патлиџан во еден од петте дневни оброци, пренесува „Express“.