Истражување: Пиењето кафе секој ден може да ви го продолжи животот за две години
Кафето е еден од најпопуларните пијалоци во светот, но неговите здравствени ефекти често се дебатираат.
Истражувањата се повеќе укажуваат на неговите потенцијални придобивки, како што се заштитата од хронични болести и поддршка на здравото стареење, но умереноста е клучна.
Преглед на повеќе од 50 студии за кафето, објавен минатиот месец во научното списание “Aging Research Reviews”, покажа дека редовното пиење кафе може да го зголеми животниот век за 1,8 години.

„Кафето не е поврзано само со подолг живот, туку и со поздраво стареење“, вели Родриго Куња од Универзитетот во Коимбра, пренесува Newsweek.
Иако кафето најчесто се поврзува со кофеинот, истражувањата се повеќе нагласуваат повеќе од 2.000 други соединенија во кафето, како што се полифенолите, кои делуваат како антиоксиданти и антиинфламаторни супстанции и го намалуваат оксидативниот стрес.
Полифенолите се наоѓаат и во храната како зелен зеленчук, бобинки, темно чоколадо, маслиново масло, зелен чај и црвено вино.
Анализата покажа дека умереното консумирање кафе (три до пет шолји дневно) може да го зголеми животниот век и да го намали ризикот од болести поврзани со возраста, како што се болести на срцето и белите дробови, мозочен удар, дијабетес, деменција и депресија. Исто така, кафето е поврзано со подобро здравје на мускулите, срцето, менталниот и имунолошкиот систем.
„Анализата нагласува како редовното, умерено консумирање кафе може да ги ублажи биолошките механизми на стареење кои предизвикуваат здравствени проблеми“, истакна Куња, додавајќи дека е потребно подобро разбирање за тоа како функционираат тие механизми, како и кои поединци би можеле да бидат биолошки предиспонирани да жнеат најголеми придобивки од кафето.

Авторите забележуваат дека позитивните ефекти на кафето се мали и дека прегледот, заснован на набљудувачки студии, не може да го исклучи влијанието на надворешните фактори како што е социо-економскиот статус.