ПопуларноХрана и Здравје

Кардиолог открива рецепт за зајакнување на срцето! Овие витамини и намирници штитат од срцев удар

Голем број срцеви и кардиоваскуларни заболувања би можеле да се спречат или забават со прифаќање или промена на одредени животни навики. Познатиот кардиолог Евгениј Лебедински советува како да го зајакнете вашето срце и навреме да ги избегнете ризичните фактори што можат да предизвикаат срцев удар.

Покрај генетиката, клучна улога во развојот на срцевите заболувања игра токму стилот на живот.

За здраво срце исклучително важна е здрава исхрана. Тоа подразбира не само ограничен внес на шеќери и масна, пресолена и преработена храна, туку и оптимален внес на хранливи состојки. Секојдневното консумирање свежо овошје и зеленчук придонесува за здравјето и еластичноста на крвните садови и го намалува ризикот од висок крвен притисок. Растителните влакна го снижуваат нивото на лошиот холестерол и можат да спречат развој на кардиоваскуларни заболувања.

Кардиологот Евгениј Лебедински нагласува дека на менито барем двапати неделно треба да има риба. Поради високата содржина на омега-3 масни киселини, таа е исклучително корисна за срцето, но и одредени суплементи богати со витамини имаат значајна улога во превенцијата и зајакнувањето на овој витален мускул.

– Основната превенција од срцев удар и развој на кардиоваскуларни болести е влијанието врз сите ризични фактори. Во овој контекст, секоја суплементација која има за цел да го забави развојот на артеросклерозата, да го спречи стеснувањето на крвните садови или да ја подобри рамнотежата на оксидативниот стрес во крвните садови ќе има позитивен ефект. Најпрво, можеме да зборуваме за внес на здрави масти преку исхраната или како додатоци (риба, незаситени масла, јаткасти плодови, како и суплементи со омега-3 и омега-6 масни киселини), како и за умерени количини на витамин Д и фолна киселина. Во исхраната е корисно повремено да се користат лук, ленено семе и ленено масло, корен од глуварче, ѓумбир, куркума и зелен чај – објаснува кардиологот, додавајќи дека превенцијата игра клучна улога во здравјето на срцето и дека е важно внимателно да се следат сигналите што ги испраќа телото.

– Превенцијата е исто така значајна, па затоа се препорачува оние кои сметаат дека имаат зголемени ризични фактори или одредени симптоми, навреме да се обратат кај лекар за да се спречат несакани последици – вели Лебедински.

Како и секој друг мускул, и срцето може да се зајакне со вежбање. За негово правилно функционирање неопходна е редовна, умерена физичка активност (најмалку половина час дневно). Доволно движење во текот на денот, правилна исхрана и избегнување на стресот се трите најважни фактори за срце што ќе работи беспрекорно долги години.

– Срцето и целиот кардиоваскуларен систем ќе бидат благодарни ако постои рамнотежа меѓу трите најважни фактори за здравјето: доволно движење, контрола и избегнување на стресот и правилна исхрана. Ако се постигне добар баланс, тоа ќе влијае на намалување на сите ризични фактори. На пример, контрола на дебелината, лошите масти, квалитетен сон и подобар метаболизам – објаснува кардиологот Евгениј Лебедински.

Ризични фактори за срцеви заболувања:

  • Дебелина
  • Алкохол
  • Дијабетес
  • Висок крвен притисок
  • Пушење
  • Стрес
  • Недостаток на сон
  • Нездрава исхрана