Храна и Здравје

Ова е најчеста причина за ишијас: откриен е 41 нов ген одговорен за болната состојба

Една нова студија носи изненадувачки заклучоци за „главниот виновник“ за ишијасот.

Хернијата на лумбалниот диск е честа лезија во долниот дел на грбот што предизвикува ишијас – болка што зрачи од долниот дел на ‘рбетот преку задникот, задниот дел на бутот и до стапалото. Оваа болка е резултат на иритација на нервот кој е компресиран од хернијата, особено како резултат на воспаление. Овие хернии се чести, особено кај постарите луѓе, и предизвикуваат симптоми само кога иритираат нерв. Каде да го барате виновникот за оваа болест?

Една нова студија доаѓа до изненадувачки заклучоци

Една нова студија идентификувала 41 ген поврзан со хернијација на лумбалниот диск, водечка причина за ишијас, пренесува Nature Communications. Претходните истражувања идентификуваа 23 региони од геномот кои се поврзани со наследните фактори на ризик за хернијација на лумбалниот диск.

Во моментов, меѓународен тим на научници од Универзитетот во Оулу (Финска) ги анализираше генетските и здравствените податоци на 829.699 луѓе од финската, британската и естонската биобанка FinnGen. Откриени се 41 нов регион од геномот кои влијаат на структурата на дискот и воспалителните фактори, што може да го зголеми ризикот од хернијација на дискот.

Дополнително, откриени се нови врски на гените со нервниот систем и нервната функција, што може да влијае на перцепцијата на болката и нејзиното времетраење. Анализата вклучува и пациенти на кои им е потребна операција. Беа идентификувани пет нови региони на геномот поврзани со потешки случаи кои бараат хируршка интервенција.

„Овој тип на анализа беше возможен благодарение на многу добрите и обемни фински здравствени регистри, кои ни овозможуваат сеопфатно да ги проучуваме механизмите на болеста“, нагласи д-р Вил Сало од Универзитетот во Оулу, водечки аналитичар на студијата.

Како што нагласуваат авторите, студијата произвела и многу резултати кои можат да се користат во идните истражувања.

„Се надеваме дека нашите наоди и збирки на податоци ќе се користат за развој на медицински и превентивни решенија во иднина. Ова, на пример, би можело да отвори можности за развој на третмани за болка кај пациенти со хернија на дискот кои страдаат од зрачна болка и на тој начин да го подобри нивниот квалитет на живот. , потенцираа тие.