ПопуларноХрана и Здравје

Ова овошје е научно докажано дека помага против висок крвен притисок и ветува здраво стареење

Новото истражување спроведено во Велика Британија открива дека екстрактот од калинка може значително да придонесе за здравјето на срцето, особено кај постарите лица.

Студијата објавена во списанието Nutrients сугерира дека ова овошје може да го намали крвниот притисок и воспалението, со што го забавува стареењето и го намалува ризикот од проблеми со срцето.

Научниците истакнаа дека екстрактот од калинка може да биде едноставно и достапно решение за здраво стареење.

„Забележавме намалување на воспалителните маркери и крвниот притисок кај испитаниците, што е особено важно за луѓето постари од 55 години“, велат истражувачите.

Резултати по 12 недели

Во истражувањето учествувале 86 здрави луѓе со различни нивоа на воспалителни маркери и фактори на ризик за срцеви заболувања, како што се покачен холестерол или крвен притисок. Учесниците беа поделени во две групи: едната примаше плацебо, додека другата земаше две капсули екстракт од калинка дневно, што изнесуваше околу 740 милиграми дневно.

По 12 недели, 76 учесници ја завршија студијата. Оние кои земале екстракт од калинка доживеале значително намалување на крвниот притисок, во просек од 3 до 5,2 mm Hg. Иако тоа можеби не изгледа како голема промена, експертите забележуваат дека падот на крвниот притисок од 5 mm Hg може да го намали ризикот од сериозни срцеви настани за дури 10%.

Зошто калинката е корисна?

Калинката е богата со полифеноли, соединенија познати по нивните антиоксидантни и антиинфламаторни својства. Овие соединенија ги штитат клетките од оштетување предизвикано од секојдневниот стрес, а со тоа го забавуваат процесот на стареење. Освен тоа, калинката е еколошки плод бидејќи растението бара малку вода, се прилагодува на различни почви и има низок јаглероден отпечаток.

Иако резултатите се ветувачки, научниците предупредуваат дека се потребни повеќе истражувања за да се потврди врската помеѓу екстрактот од калинка и здравјето на срцето, особено поради ограничениот број на учесници во оваа студија. Сепак, овие наоди сугерираат можност за воведување нови препораки за постарите лица со висок крвен притисок, вклучително и промени во животниот стил.