Шест грешки кои доведуваат до опаѓање на косата: Важно е со што, како и колку долго ја миете
Доколку и вам ви опаѓа косата, време е да проверите дали правите една од најчестите шест грешки кои можат да доведат до губење на косата.
Миењето на косата го учиме уште како деца, но овој секојдневен ритуал има повеќе нијанси отколку што изгледа. Дури и помалите грешки можат да предизвикаат сериозни последици, како прекумерно опаѓање, сувост, иритација на скалпот итн.
RealSimple објави извештај за најчестите грешки при миењето на косата кои можат да предизвикаат губење на влакната и други проблеми со кожата на главата.
Веројатно претпоставувате некои од нив, а ако на тоа додадете и погрешен шампон, премногу топла вода или нарушување на балансот помеѓу чистењето и негувањето, проблемите се неизбежни.
Прекумерна употреба на сув шампон
Сувиот шампон е вистинско спасение за мрсната коса кога немате време за миење. Но, премногу честа употреба на овој производ може да доведе до насобирање остатоци кои ја прават косата безживотна, а фоликулите затнати.
Како да го користите правилно: Користете сув шампон најмногу еднаш или двапати меѓу миењата. За подолготраен ефект, изберете производи кои не бараат испирање, како мицеларни препарати за коса.
Косата не ја навлажнувате доволно пред нанесување на шампон
Брзањето под туш е честата причина за недоволно чистење. Ако косата не е целосно мокра, шампонот не се распоредува рамномерно и мора да користите повеќе производ отколку што е потребно.
Прекумерно масирање на скалпот
Сите сакаме длабока масажа додека ја миеме косата, но премногу агресивно триење може да биде штетно. Преголемиот притисок може да предизвика кршење на влакната, а гребењето може да доведе до иритации и микрорани.
Како да го направите правилно: Наместо нокти, користете ги врвовите на прстите и со нежни кружни движења масирајте го скалпот, избегнувајќи преголемо триење.

Ги миете врвовите со шампон
Врвовите на косата не бараат исто толку интензивно чистење како коренот. Прекумерната употреба на шампон на врвовите може да предизвика сувост и создавање јазли.
Како да го направите правилно: Нанесете шампон само на коренот, сапунирајте и нежно масирајте го скалпот. Врвовите ќе се исчистат природно при плакнењето на пената.
Не ја миете косата доволно долго
Брзото миење на косата е чест проблем. Недоволното чистење може да доведе до насобирање на остатоци од шампонот, што негативно влијае на здравјето на кожата и влакната.
Како да го направите правилно: Одвојте барем две до три минути за масирање на скалпот при миењето. Ова овозможува подобро чистење и ја стимулира циркулацијата на крвта, што позитивно влијае на растот на косата.
Го користите истиот шампон во текот на целата година
Како и кожата, така и косата се менува зависно од сезоната, начинот на живот и здравствената состојба. Летните месеци бараат повеќе хидратација, додека зимскиот период бара шампон за волумен.
Како да го направите правилно: Менувајте различни видови шампони според потребите на косата. За длабинско чистење користете дерматолошки шампон, а за фарбана коса специјални производи за нега.

Како правилно да ја измиете косата?
Навлажнете ја косата со топла вода – ова ќе помогне во растворање на нечистотиите и остатоците од производи.
Нанесете шампон само на коренот – мала количина е доволна за темелно чистење.
Масирајте нежно – користете ги прстите, а не ноктите.
Исплакнете темелно и повторете ако е потребно – ако косата ви е премногу нечиста, измијте ја двапати.
Добро исплакнете го шампонот – за да избегнете иритации на скалпот.
Нанесете балсам само на врвовите – рамномерно распоредете го со прсти или чешел.
Исплакнете го балсамот со ладна вода – ова ќе помогне да се затвори кутикулата на влакното и да се постигне сјај.
Колку често треба да ја миете косата?
Масна коса: На секои два дена.
Нормална или сува коса: Два до три пати неделно.
Кадрава или брановидна коса: Еднаш или двапати неделно.
Мијте ја косата по потреба, но не премногу често за да не се наруши балансот на скалпот. Доколку имате проблеми со првут или сувост, изберете специјални производи за нега според вашиот тип на коса.
Следејќи ги овие едноставни правила, ќе ја одржите косата здрава, сјајна и силна. Запомнете, правилната нега е клучот за убава фризура.