„Во авионот седев сама, гледав во празното седиште до мене и чувствував како ми се кине срцето.“
Додека седела во салон за нокти и возбудено ѝ раскажувала на техничарката дека за четири дена ќе се мажи за својот свршеник Рајан на Хаваи, телефонот на 39-годишната Тоби Елдер ненадејно почнал да ѕвони. Го отклучила и отворила пораките што пристигнале од анонимен профил на „Facebook“, пишува „The Sun“. Во првата порака стоело: „Рајан те лаже. Те молам, погледни ги сите приватни пораки што ти ги испратив.“
Кликнала – и видела снимки од разговор меѓу Рајан и друга жена. Кога ги прочитала зборовите: „Ми недостастуваш и те сакам“, лицето ѝ заруменело, а светот ѝ се урнал за миг. Веднаш го повикала и побарала објаснување. Гласот му се тресел додека признавал дека со таа жена разговарал со месеци и дека таа му испратила пораки откако ѝ рекол дека сака да прекине контакт.
До летот за Хаваи имало уште само 36 часа, а до венчавката и медениот месец четири дена. Сè чинело околу 3.500 евра – најголем дел од сумата го платила самата, од бонусот на работа. Потресена, му рекла дека венчавката се откажува и потоа ги повикала родителите, кои, исто како и таа, не можеле да поверуваат дека Рајан би направил нешто такво.
Рајан и Тоби биле пријатели десет години. Заедно минувале низ разводи и тешки животни периоди. Кога во 2022 конечно станале пар, сите ѝ говореле: „Овој човек е вистинскиот“; „Го доби џекпотот.“ Верувала дека тој е љубовта на нејзиниот живот. Поради него се вратила во родниот град Небраска. Рајан ја опсипувал со внимание – готвел, чистел и се грижел за неа како никој претходно. Никогаш не се скарале.
Во декември 2024 ја запросил, и започнале со планирање на венчавката од соништата. Кога дознала дека ја изневерил, токму што потпишале едногодишен договор за изнајмување куќа. Ништо повеќе не ѝ имало смисла. Само плачела. „И покрај сè, решив да отпатувам – знаев дека ќе се скршам ако останам. Во авионот седев сама, гледав во празното седиште до мене и чувствував како ми се кине срцето,“ раскажува Тоби.
Тогаш ѝ пришла една жена и ја замолила дали може да седне, бидејќи нејзиниот свршеник бил на седиштето од другата страна на преминот. „Одиме на Хаваи да се венчаме,“ рекла со насмевка. „Тие зборови ме погодија како шлаканица. Солзите сами ми потекоа,“ признава Тоби.
По пристигнувањето на Оаху, добила порака од својот татко, 68-годишниот Роб: „Душо, доаѓам. Не сакам да бидеш таму сама.“ Додал дека ќе пристигне во петок – токму на денот кога требало да биде венчавката. Ѝ било полесно кога знаела дека треба да издржи уште само два дена.
„Го повикав Рајан и го прашав зошто го направи тоа. Рече дека не бил сигурен дали моите планови за преселба на Флорида се совпаѓаат со неговите и дека се плашел дека еден ден ќе го напуштам. Ѝ се доверил на пријателка, а ’едното довело до друго‘. Му реков дека сè уште го сакам, но дека предавството не можам да го простам,“ додава таа.
Кога нејзиниот татко конечно пристигнал, Тоби потрчала кон него и мавтала со рацете. Тој се смеел, а таа сè снимала – сакала тој миг засекогаш да ѝ остане како спомен. Татко ѝ дваесет години зборувал дека сака да го посети „Pearl Harbor“, па решила токму сега тоа да го остварат заедно.
На „TikTok“ објавила кратко видео од аеродромот со опис: „Кога ти е скршено срцето на денот што требаше да биде твојот меден месец, а твојот татко лета 4.000 километри само за да биде со тебе.“ До утрото снимката станала вирална – собра повеќе од шест милиони прегледи и илјадници пораки поддршка. Луѓето ѝ пишувале дека „избегнала куршум“ и дека би дале сè за уште еднаш да можат да го прегрнат својот татко.
Остатокот од неделата татко и ќерка го поминале заедно – возеле низ островот, ги разгледувале знаменитостите, пробувале нова храна и едноставно уживале. Со Рајан повеќе не воспоставила контакт. Иако сè уште чувствувала тага, се обидувала да биде силна и да заштеди пари за нов почеток. „Верував дека, без разлика на сè, секогаш постои светла страна – а јас ја пронајдов својата во татковата прегратка. Тоа е спомен што ќе го носиме во срцата засекогаш,“ заклучува Тоби.