Партнерството помеѓу AMD и OpenAI е дел од поширок тренд на зајакнување на соработката помеѓу производителите на хардвер и водечките компании за вештачка интелигенција во време кога глобалната побарувачка за хардвер за вештачка интелигенција брзо расте.
AMD и OpenAI објавија стратешко партнерство кое заеднички ќе развива и имплементира инфраструктура за вештачка интелигенција базирана на AMD графички процесори во текот на наредните години. Договорот вклучува испорака на до шест гигавати компјутерска моќ низ повеќе генерации на “AMD Instinct” графички процесори, почнувајќи со првата фаза од еден гигават во втората половина на 2026 година.
Според соопштението за медиумите на ADM, соработката го продлабочува постојниот однос помеѓу двете компании, кој започна со моделите MI300X и MI350X, и вклучува развој на нови решенија на ниво на целиот екосистем на вештачка интелигенција. Целта, како што наведоа AMD и OpenAI, е да се забрза напредокот на генеративната вештачка интелигенција и да се овозможи нејзина поширока достапност.

Со цел дополнително да се зајакне партнерството, AMD му понуди на OpenAI опција за купување до 160 милиони акции, чие активирање ќе зависи од постигнувањето на договорените технички и комерцијални цели. Првиот дел е поврзан со почетното распоредување на еден гигават графичка инфраструктура, додека остатокот ќе следи како што проектот се шири.
„Воодушевени сме што соработуваме со OpenAI за да овозможиме компјутерска моќ за вештачка интелигенција во невидени размери. Оваа соработка ги обединува најдобрите од AMD и OpenAI и создава взаемна корист што овозможува изградба на најамбициозната инфраструктура за вештачка интелигенција во светот и придонесува за унапредување на целиот екосистем на вештачка интелигенција“, рече Лиса Су, претседател и извршен директор на AMD.
Дополнително, финансискиот директор на AMD, Џин Ху, процени дека соработката би можела да и донесе на компанијата десетици милијарди долари приходи и да има позитивно влијание врз заработката по акција.