Кејт Мекен, мајката на исчезнатото девојче Медлин Мекен, сведочеше на судењето против Јулија Ванделт (24) од Полска, која тврдеше дека е нејзината ќерка и со месеци ја прогонувала нејзината фамилија.
Јулија испраќала е-пораки, пораки и телефонски повици до Кејт и нејзиниот сопруг Гери, родителите на исчезнатата Медлин, а дури и се појавила пред нивниот семеен дом.
Таа лажно тврдела дека таа е Медлин, девојчето кое исчезна за време на семејниот одмор во Праја да Луж, Португалија, во 2007 година.
Јулија изјавила дека има фрагментирани сеќавања од детството на тригодишната Медлин и од нејзиното исчезнување, пред наводно да биде пренесена во Полска.
Кејт, мајката на исчезнатата девојче, сведочеше пред суд во Обединетото Кралство и опиша дека се чувствувала како да ја прогонуваат во сопствениот дом.

Таа изјавила дека Јулија и Карен Спрег (61), која исто така е обвинета во случајот, се појавиле пред нивната куќа во декември 2024 година.
„Вадев работи од автомобилот во мракот и веднаш почувствував страв. Јулија ме повика ’мама‘. Тоа беше зборот кој најмногу го посакував – во сета оваа болка – да се врати Медлин и да ме повика ’мама‘“, раскажа Кејт низ солзи.
Додала дека втората жена била поагресивна и ја прашала: „Зарем не сакаш да ја најдеш својата ќерка?“
Кејт рекла дека влегла во куќата и се почувствувала загрозено, додека двете жени продолжиле да чукаат на влезната врата.

Првпат слушнала за Јулија во 2022 година, кога таа го побарала нејзиниот сопруг Гери во болницата каде што работи.
Полицијата која го истражува исчезнувањето на Медлин ѝ го испратила името на наводната прогонувачка, откако таа тврдела дека е исчезнатото девојче.
Родителите брзо заклучиле дека Јулија не е Медлин, но таа продолжила да ги контактира, тврдејќи дека „никогаш не лаже и дека не е луда.“ Ги молела да ѝ дозволат да го докаже тоа.
„Знам дека имам полски акцент затоа што живеам тука, но знам што знам и на што се сеќавам. Те молам, дај ми шанса. Не се откажувај од ќерка ти. Јас не сум луда,“ напишала Јулија во една од пораките.

Кејт изјавила дека „капката што ја прелеала чашата“ била моментот кога дознала дека Ванделт испраќала пораки и на нивната 20-годишна ќерка Амели.
Наводната прогонувачка од Љубин, на југозападот на Полска, заплакала во судницата и морала да направи пауза од десет минути, откако судот официјално потврдил дека таа не е Медлин.
Јулија Ванделт и ко-обвинетата Карен Спрег (61) од Кардиф ги негираат обвиненијата дека со своето однесување предизвикале сериозна вознемиреност и страдање кај Кејт и Гери Мекен во периодот од јуни 2022 до февруари 2025 година.
Судењето продолжува.