Новото истражување на Универзитетот во Сари, Велика Британија, открива дека соларната енергија моментално е најевтиниот извор на струја во светот – поевтина и од ветерната, јагленската и гасната енергија. Производството на една единица електрична енергија од сонце денес чини само 0,023 евра, покажува студијата.
Дури и во земја како Велика Британија, која се наоѓа 50 степени северно од екваторот и е позната по облачното време, соларната енергија се покажа како најисплатлива опција за големи електроенергетски системи. Благодарение на извонредниот пад на трошоците, експертите ја нарекуваат „клучен двигател на глобалната транзиција кон чисти, обновливи извори на енергија“.
Соларно складирање — исплатливо колку и гасни електрани
Според истражувањето, благодарение на падот од 89% во цената на литиум-јонските батерии од 2010 година до денес, системите кои комбинираат соларни панели со складирање енергија денес се еднакво исплатливи како гасните електрани.
„Овие хибридни системи, кои ги спојуваат соларните панели со батерии, сè почесто се користат ширум светот. Тие овозможуваат енергијата да се складира и користи кога е потребно, што ја прави посигурна и пофлексибилна, особено при балансирање на побарувачката во електромрежата,“ се наведува во студијата.

Најголемите предизвици за соларната енергија
И покрај ниската цена, коавторот на студијата, д-р Ехсан Реѕаи од Универзитетот во Сари, предупредува дека приклучувањето на сè поголеми количини соларна енергија на постојните мрежи останува еден од најголемите технички предизвици.
„Паметните електромрежи, вештачката интелигенција за предвидување на потрошувачката и посилните регионални врски ќе бидат клучни за стабилноста на енергетските системи во иднина,“ вели Реѕаи.
Тој истакнува и дека новите материјали, како перовскитните соларни ќелии, би можеле да ја зголемат ефикасноста на производството за дури 50% без дополнителна употреба на земјиште. Овие ќелии бараат многу помалку енергија за изработка во споредба со силициумските, а нивната тенка и флексибилна структура овозможува инсталација на згради, возила и урбани површини – без потреба од масивни соларни фарми.
Сепак, коавторот на студијата и директор на „ATI Institute“ при Универзитетот во Сари, професорот Рави Силва, нагласува дека овој напредок ќе зависи од „доследна и долгорочна поддршка на јавните политики“.
Колку соларна енергија произведува Европа?
Податоците на „Eurostat“ покажуваат дека обновливите извори на енергија во Европа во вториот квартал од 2025 година достигнале удел од 54%, што е раст од 1,3 процентни поени во споредба со истиот период лани.
Овој раст најмногу се должи на наглиот пораст на соларната енергија, која во периодот април – јуни произвела 122.317 гигават-часови (GWh) – доволно за напојување на околу три милиони домаќинства.
Во јуни 2025 година, соларната енергија за првпат во историјата стана главен извор на електрична енергија во Европската унија, со 22% удел во вкупниот енергетски микс.

Соларната експанзија во Европа
Роб Стејт од компанијата „Alight“, еден од водечките европски развивачи на соларни системи, изјави за „Euronews“ дека соларната енергија доживува вистински бум затоа што е „евтина, лесна за инсталација и брзо скалабилна“.
„Соларна фарма може да се изгради за само една година – наспроти најмалку пет години за ветерен парк и најмалку десет за нуклеарна електрана,“ објасни тој.
Стејт додава дека соларната енергија претставува клучна можност за намалување на зависноста на Европа од нафтата и гасот, кои остануваат нестабилни поради руската инвазија врз Украина.
Со ова, сонцето – некогаш непредвидлив сојузник во енергетската трка – денес стана најевтиниот и најбрзо растечки извор на електрична енергија во светот.