Сè поголемото производство на електрична енергија од сончева енергија почна видливо да ја намалува цената на струјата, наведува консултантската куќа „Enervis“ во студија објавена во средата.
Според анализата на „Enervis“, цената на електричната енергија на берзата минатата година би била за околу 15 проценти повисока доколку не бил придонесот на соларната енергија.
Извештајот покажува дека евтината струја од соларните електрани ги намалува вкупните трошоци на домаќинствата и индустријата за повеќе милијарди евра, а ефектот дополнително се зголемува со растот на производството.
Нарачателот на студијата – Здружението на производители на соларна енергија – повторно се изјасни против владината намера да ги намали стимулациите за соларни инсталации.
Таквиот потег, предупреди здружението, може да предизвика застој во развојот на фотонапонскиот сектор.
Министерката за економија Катарина Рајхе најави укинување на субвенциите за поставување нови, мали соларни системи. Според неа, соларните панели „веќе им се исплатуваат на потрошувачите и без државна поддршка“.
Сепак, овој потег сè уште не е усогласен внатре во коалициската влада.
За да се обезбеди континуиран развој на производството според планот и траен позитивен ефект врз цената на електричната енергија, изградбата на нови фотонапонски капацитети во наредните години мора да се одвива под стабилни и предвидливи услови, предупреди директорот на здружението, Карстен Керниг.