Многумина кои ноќе постојано се превртуваат, стануваат и тешко заспиваат, знаат колку е предизвикувачки да се постигне квалитетен сон. Иако би било практично да постои „магичен“ витамин што веднаш би го решил проблемот со несоницата, експертите за спиење предупредуваат дека такво решение – не постои. Напротив, некои додатоци во исхраната можат да имаат токму спротивен ефект и да го нарушат квалитетот на сонот.
„Витамините можеби не изгледаат клучни за спиењето, но некои од нив имаат важна улога во регулирањето на мелатонот, мозочната хемија и циркадискиот ритам“, објаснува д-р Раџ Дасгупта за „Sleepopolis“, пренесува „Parade“. Тој додава дека неконтролираната употреба на додатоци може да го наруши природниот биоритам на телото и да предизвика проблеми со спиењето.
Витаминот B12 може да предизвика нарушувања на сонот
Според д-р Дасгупта и други експерти, особено треба да се внимава на витаминот B12, бидејќи може негативно да влијае на сонот. „Високите нивоа на B12 можат да предизвикаат прекинат сон и порано будење“, објаснува д-р Алекс Димитриу, психијатар и специјалист за медицина на спиењето.
Иако витаминот B12 има клучна улога во регулирањето на енергијата и нервниот систем, д-р Дасгупта нагласува дека може да биде премногу стимулирачки доколку се зема во големи количини или подоцна во текот на денот:
„Овој витамин не делува смирувачки – напротив, често има спротивен ефект и може да го отежне заспивањето, особено кај луѓе чувствителни на промени во ритамот на спиењето.“
Природни начини за подобрување на сонот
Д-р Стивен Карстенсен, стоматолог и експерт за нарушувања на спиењето, истакнува дека B12 е дел од процесот на создавање на мелатонин, хормонот што го регулира циклусот на спиење и будење.
„Земањето дополнителни количини B12 нема да ви помогне подобро да спиете, но неговиот недостаток може да влијае на способноста на телото да го стимулира сонот“, појаснува тој.
Д-р Димитриу додава дека недостатокот на овој витамин е редок, бидејќи телото го складира во црниот дроб во количини доволни за пет до шест години, па повеќето здрави возрасни лица имаат нормални нивоа и немаат потреба од дополнителна суплементација.
Доколку неодамна сте почнале да земате витамин B12, а вашиот сон се влошил, експертите советуваат да обрнете внимание на времето и дозата.
„Ако сте забележале потешкотии со заспивањето, порано будење или чувство на вознемиреност пред спиење, тоа може да биде знак дека овој витамин не ви одговара“, вели д-р Дасгупта.
Наместо додатоци, лекарите препорачуваат природни методи за подобар сон – намалување на изложеноста на екрани пред спиење, користење на пригушено осветлување во вечерните часови и одржување на конзистентно време за легнување и будење.