Многумина со гордост зборуваат за своите навики за спиење, вежбање или бројот на прочитани книги, но малкумина ќе признаат колку време навистина трошат во бесцелно „скролање“ по социјалните мрежи. Според податоците објавени годинава, просечниот човек поминува дури 2 часа и 24 минути дневно на апликации како „Instagram“ и „X“, што на годишно ниво изнесува запрепастувачки 34 дена.
Ако продолжиме со овој ритам, експертите предупредуваат дека нашиот изглед и здравје би можеле сериозно да се нарушат, пренесува „Unilad“.
Застрашувачка визија за иднината
За да ги прикажат можните последици, тимот зад апликацијата за пешачење „WeWard“ искористил вештачка интелигенција за да го создаде Сем – модел на човек од 2050 година, чиј живот е обележан со постојано гледање во екран.
Неговите карактеристики се губење на коса, масни наслаги околу стомакот, вкочанети зглобови поради недостиг на движење и екстремно лошо држење на телото.
„Ако барате нешто навистина застрашувачко за овој Хелоуин – не одете подалеку од погледот кон нашата можна иднина, доколку продолжиме да ѝ даваме предност на удобноста пред движењето“, порачаа од „WeWard“.
„Врз основа на медицински истражувања, Сем го прикажува долгорочниот физички и здравствен ризик кој произлегува од живот обележан со ограничена подвижност, прекумерна употреба на екрани и навики водени од удобноста.“

Опасностите на седечкиот начин на живот
Покрај очигледните физички промени, седечкиот начин на живот носи и сериозни медицински ризици. Според податоците на „Medline Plus“, прекумерното седење може да доведе до дебелина, заболувања на срцето и висок крвен притисок.
Исто така, го зголемува ризикот од мозочен удар, како и од одредени видови карцином, меѓу кои рак на дебелото црево и дојка, а може да предизвика и депресија и анксиозност.
Никогаш не е доцна за промена
Добрата вест е дека никогаш не е доцна да се започне со промени и да се усвојат поздрави навики.
Доколку поминувате многу време пред телевизор, размислете да правите лесни физички активности во исто време – подигање мали тегови или возење собен велосипед.
„British Heart Foundation“ препорачува аеробни вежби со низок интензитет, како што се пешачење, пливање или вежбање на елиптичен тренажер, бидејќи тие се нежни за зглобовите и може да се практикуваат подолг временски период.
Ако нешто треба да нè уплаши оваа есен, тоа не е Хелоуин, туку нашата сопствена иднина – во која би можеле да изгледаме токму како Сем, ако продолжиме да живееме зад екранот.