Трагична вест ја потресе спортската јавност во петокот попладне – во Кале е пронајдено безживотното тело на Синди Морван, поранешна француска шампионка во велосипедизам на патека и мајка на две деца.
Таа била усмртена со огнено оружје со голем калибар во предворјето на својата станбена зграда. Злосторството, кое ја шокираше цела Франција, го извршила партнерката на нејзиниот поранешен животен сопатник.
Спасувачките служби, по пристигнувањето на местото на настанот, не успеале да ја реанимираат 39-годишната спортистка, која им подлегнала на тешките повреди во пределот на градниот кош.
Овој ужасен чин остави длабок белег во локалната заедница и во велосипедскиот свет, кој се збогува со една од своите најистакнати фигури, пренесуваат француските медиуми.
Жената се самоубила по злосторството
Извршителката, по убиството, побегнала од местото на злосторството, но полицијата ја пронашла мртва во нејзиниот автомобил. Таа си пресудила со истото оружје со кое ја убила Морван.
Во возилото било пронајдено писмо во кое ја признава вината и се извинува за стореното, преземајќи целосна одговорност.
Обвинителството во Булоњ-сир-Мер отвори истрага за убиство со предумисла. Иако истрагата сè уште трае, првичните наоди укажуваат дека мотивот бил семеен конфликт предизвикан од екстремна љубомора и долготраен напнат однос меѓу двете жени, поврзан со нивната мината и сегашна врска со ист маж.
Синди Морван – повеќе од спортистка
Синди Морван беше многу повеќе од спортистка – симбол на посветеност и страст кон велосипедизмот.
Кариерата ја започнала на само петгодишна возраст и постигнала значајни резултати: станала шампионка на Франција во кадетска конкуренција и освоила бронза како јуниорка во 2004 година.
Подоцна одлучила да му даде предност на образованието пред професионалната кариера на највисоко ниво, но нејзината љубов кон спортот никогаш не згаснала.
Останала длабоко вкоренета во локалната велосипедска заедница како лиценциран член на клубот „Union Vélo Club de Calais (UVC)“, каде што од 2024 година ја водела велосипедската школа.
Клубот ја опиша како „посветена и страсна личност, чија топлина и енергија ужасно ќе ни недостигаат.“.

Амбасадорка на женскиот спорт
Нејзиниот ангажман далеку ги надминал границите на клубот. Во ноември 2022 година, Морван станала амбасадорка за промоција на женскиот велосипедизам при Француската велосипедска федерација, со цел да ги зајакне девојките и жените преку спортот.
„Велосипедот е начин да го вратите самодовербата и да откриете прекрасни предели. Затоа – нека живее женскиот велосипедизам!“, изјави тогаш Морван.
Истата година, нејзината улога на амбасадорка ѝ овозможила учество во обновената женска трка „Tour de France“, каде што работела како возачка на возило за техничка поддршка – уште еден доказ за нејзината несебична посветеност на спортот што го сакаше.
Франција во шок
Веста за нејзината насилна смрт предизвика бран реакции низ целата земја.
Градоначалничката на Кале, Наташа Бушар, изрази тага на социјалните мрежи:
„Не можам ниту да разберам, ниту да прифатам дека ваква драма може да се случи. Синди Морван ја претставуваше посветеноста и пренесувањето на знаење.“
Француската велосипедска федерација ѝ оддаде почит како „страсна и посветена волонтерка“, упатувајќи мисли и сочувство до нејзините две деца, и јасно порача:
„НЕ на сите форми на насилство.“