На 23 ноември 1992 година, на саемот COMDEX во Лас Вегас, „IBM“ за првпат го претстави прототипот на уред што подоцна ќе стане „IBM Simon Personal Communicator“ – уред што денес технолошките историчари го сметаат за првиот вистински паметен телефон во светот, цели 13 години пред iPhone.
„Simon“ не беше само мобилен телефон – тој комбинираше телефон, PDA-функции, факс, е-пошта и touchscreen-компјутер со апликации, во пренослив формат што во 1994 година изгледаше како чиста револуција.
Како почна сè
Проектот започнал во 1992 година под интерно кодно име „Angler“, како дел од заеднички развој на „IBM“ и „BellSouth“. Целта била да се спои мобилен телефон (тогаш сè уште аналоген) со личен дигитален асистент.
На дизајнот работел тим на „IBM“, меѓу кои и инженерот Френк Џ. Канова. Уредот првпат бил прикажан пред јавноста на 23 ноември 1992 на COMDEX, под името „IBM Simon“. Медиумите го нарекоа „телефонот на иднината“. Во комерцијална продажба во САД влегол подоцна – 16 август 1994 година.
Што содржеше IBM Simon
Димензиите на уредот биле приближно 20 × 6 × 3,8 cm, со тежина 500 – 600 грама. Имало монохроматски LCD touchscreen со дијагонала 4,5 инчи (160 × 293 пиксели), чувствителен на допир со оловка или со прст.
Работел на модифициран „ROM-DOS“ со графички интерфејс на „IBM“. Процесорот бил 16 MHz Vadem VG230, со околу 1 MB RAM и 1 MB интерна меморија. Батеријата обезбедувала околу еден час разговор или десетина часа standby – што тогаш било сериозно ограничување.
Апликации
Уште во 1994 година „Simon“ имал апликации што денес ги сметаме за стандард на паметните телефони: телефон, адресар, календар, бележник, светски часовник, калкулатор, е-пошта и факс – и бил првиот мобилен телефон способен да праќа и прима е-пошта.
Поддржувал и инсталација на дополнителни апликации преку PCMCIA-картички, како деловни алатки или игри. Адресарот можел да се синхронизира со „Lotus Notes“ и „Microsoft Schedule+“.
Цена и продажба
Во продажба пристигнал по цена од 1099 долари со двегодишен договор со „BellSouth“. Се проценува дека биле продадени околу 50.000 примероци, исклучиво на американскиот пазар. Производството било кратко и завршило почетокот на 1995 година, по само неколку месеци продажба – главно поради слабата батерија, високата цена и незгодната големина.
Зошто беше пред времето
„IBM Simon“ имал карактеристики што денес ја дефинираат целата категорија на смартфони: touchscreen-интерфејс, апликации од трети страни, можност за праќање и примање е-пошта и факс, PDA-функции и безжична комуникација. Популарни списанија, како „Popular Science“, го вброиле меѓу најважните технологии на годината, а медиумите го нарекувале претходник на личниот комуникатор.
Наследството
Иако комерцијално не постигна голем успех, „Simon“ го трасира патот за уреди како „Nokia 9000 Communicator“ (1996) и „Palm Treo“. Кога „Apple“ во 2007 година го претстави iPhone, технолошките историчари потсетија дека концептот на современиот „smartphone“ бил роден многу порано – токму со „IBM Simon“.
Денес, ретките сочувани примероци се продаваат на аукции за 3000 – 15.000 долари, а еден оригинал е изложен во Smithsonian.