Најголемиот светски сајт за вработување „Indeed“ ја објави годишната анализа која открива драматичен пад на огласите за работа во tech-индустријата, особено во областа на податоци и аналитика. По врвот во 2022 година, пазарот значително опаѓа, додека бројот на пријави по позиција расте и создава најсилна конкуренција досега.
Вкупниот пазар на труд бележи пад по пандемискиот бум, но технолошките сектори минуваат далеку полошо од просекот. Според индексот на огласи на „Indeed“, технолошките работни места – кои во 2022 година биле на ниво над 200 – денес паднале на 67, што значи дека побарувачката е преполовена за само неколку години. Најлошо поминува сегментот на работа со податоци и аналитика, чиј индекс изнесува само 60 – најниско ниво меѓу сите сектори што ги следи „Indeed“.
Овој тренд значи дека има далеку помалку отворени позиции отколку пред пандемијата, додека бројот на кандидати кои бараат работа во истиот сектор продолжува да расте. „Indeed“ наведува дека сè повеќе луѓе конкурираат за сè помалку работни улоги, создавајќи ситуација во која десетици или стотици апликанти се борат за истото место.
Економист: Пазарот се лади, а генерации работници штотуку дипломираат
Економистот на „Indeed“, Кори Стејл, објаснува дека повеќегодишното вложување во образование поврзано со податоци создаде огромен број квалификувани работници – токму во моментот кога побарувачката почнува да се намалува. Според него, работниците ретко се откажуваат од професијата за која се школувале, бидејќи промена на кариера бара време и дополнителни трошоци.
Падот кај работните позиции за податоци не е привремен тренд
За време на постпандемискиот бум многу компании масовно вработуваа data-аналитичари, експерти за обработка на податоци и BI-developers, но сега, според податоците, немаат потреба повторно да вработуваат во истиот обем. Намалената побарувачка влијае и врз платите, па оние кои денес бараат работа во овој сектор може да очекуваат далеку побавен раст на примањата отколку претходните години.
Дополнително, генеритивната вештачка интелигенција овозможува анализа на податоци да се извршува побрзо и со помалку специјализирани позиции. Стејл додава дека AI во моментов директно не ги заменува работниците, но им овозможува на компаниите да завршат повеќе работа со помали тимови – па потребата за нови вработувања природно се намалува.
Конкуренцијата сè поостра, процесите сè подолги
За кандидатите ова значи подолги периоди на барање работа, поголем број конкурентски пријави и помалку достапни позиции. Пазарот останува активен, но пристапот до работа е многу потежок отколку порано – особено за оние што допрва влегуваат во индустријата. Стручњаците од „Indeed“ предупредуваат дека може да помине доста време пред побарувачката да порасне повторно, а оние кои сакаат да останат конкурентни мора да ги следат индустриските промени и новите алатки што се користат во обработката на податоци.