Стручњаците немаат дилема кога станува збор за храната која најмногу го зголемува ризикот од рак на дебелото црево, особено кај жените.
Здравствените експерти со години забележуваат пораст на случаи на рак на дебелото црево кај помладата популација, а новото истражување укажува на уште една клучна алка во сложувалката: ултрапреработената храна. Според најновите наоди, токму таа може да биде значаен ризик-фактор, особено кај жените.
Студијата објавена на 13 ноември во списанието „JAMA Oncology“ ги следела навиките во исхраната на повеќе од 29.000 жени во нивните дваесетти, триесетти и четириесетти години, во период од 1991 до 2015 година.

Истражувачите откриле дека жените кои внесувале најмногу ултрапреработена храна – околу 10 порции дневно – имале 45% поголем ризик за развој на полипи, односно преканцерозни израстоци во дебелото црево, во споредба со оние што јаделе најмалку, околу три порции дневно.
Полипите, секако, може да се отстранат ако се откријат навреме, но доколку се занемарат, со тек на време можат да растат и да преминат во рак, пишува списанието „People“.
Авторите потсетуваат дека ултрапреработената храна сочинува огромен дел од понудата на современата исхрана – во САД, на пример, претставува околу 70% од целокупната понуда. Станува збор за производи кои содржат состојки што најчесто не би ги имале во домашната кујна: вештачки бои и ароми, хемиски конзерванси за подолг рок на траење, емулгатори како хидрогенизирани масла, како и засладувачи како високо-фруктозен пченкарен сируп. Во оваа група спаѓаат газирани пијалаци, индустриски грицки како чипс, кекси и крекери, слатки, готови и замрзнати јадења, деликатесни салами и колбаси, сушено месо, виршли и слични продукти.

Гастроентерологот д-р Ендру Чан од болницата „Mass General Brigham“ во Бостон, еден од авторите на студијата, објаснува дека ваквата храна може да го наруши балансот помеѓу „добрите“ и „лошите“ микроорганизми во цревата и да ја оштети заштитната слузница на дигестивниот систем. Во такви услови, предупредува тој, расте веројатноста за развој на абнормални клетки. Додава и дека ризикот расте речиси линеарно – поедноставено кажано: колку повеќе ултрапреработена храна се консумира, толку поголеми се шансите за појава на полипи.
Сепак, експертите нагласуваат дека не е сè црно-бело. Нутриционистичката епидемиологинка д-р Маријан Нојхаузер од Центарот за рак „Fred Hutch“ во Сиетл, која не учествувала во истражувањето, истакнува дека не сите ултрапреработени намирници се нужно штетни. На пример, некои јогурти, леб од целозрнести житарки или житарици за појадок можат да обезбедат корисни хранливи материи кои се поврзуваат со понизок ризик од рак на дебелото црево – па затоа понекогаш се сметаат за „заштитни“ намирници.

Д-р Робин Менделсон, гастроентеролог од њујоршкиот центар за рак „Memorial Sloan Kettering“, предупредува на уште едно ограничување во истражувањето: студијата се фокусирала на специфична група – медицински сестри, најчесто бела популација. Затоа, додава таа, резултатите треба да се потврдат и кај други групи за да се добие комплетна слика. И покрај тоа, наодите се вклопуваат со голем број претходни истражувања што ја поврзувале ултрапреработената исхрана со неповолни ефекти врз здравјето на цревата.
Чан дополнително нагласува дека исхраната веројатно не е единственото објаснување за порастот на раниот рак на дебелото црево. Во пракса, вели тој, среќава и млади пациенти кои се хранат многу здраво, а сепак заболуваат. Затоа откривањето на други ризик-фактори е еден од главните приоритети на нивниот истражувачки тим.