Кина јавно предупреди на премногу брзиот раст на индустријата за хуманоидни роботи – машини што изгледаат и се движат како луѓе. Според официјалните власти, пазарот во моментов се развива пребрзо и се произведуваат роботи кои можеби немаат вистинска употребна вредност или реален технолошки квалитет.
Хуманоидните роботи стануваат се попопуларни затоа што можат да извршуваат работи што ги прават луѓето – од продажба и услуга во ресторани, до едукација и забава. Но, повеќе од 150 кинески компании веќе произведуваат речиси идентични модели, често копирајќи се меѓусебно, без сериозно истражување и развој.
Таквата пракса носи опасност индустријата да се „надува“ без вистинска одржливост – феномен што стручњаците го опишуваат како создавање „меур“ (bubble), каде вредноста расте поради ентузијазам и инвестиции, а не поради реална корист.

Се воведуваат нови правила
Кинеските власти планираат да воведат регулативи кои ќе ги фаворизираат компаниите што навистина развиваат напредна технологија, а не оние што само копираат туѓи роботи. Целта е индустријата да биде стабилна, корисна и долгорочно одржлива.
Ова предупредување доаѓа токму во година кога се очекува Кина да произведе повеќе од 10.000 хуманоидни роботи – што е повеќе од половината од глобалната годишна продукција. Властите со загриженост посочуваат дека индустријата не смее да расте само поради инвестициски бранови и голем публицитет, туку мора да создава реална вредност во вистинскиот живот.

Безбедносните ризици се големи
Пребрзиот развој носи и сериозни ризици. Доколку роботите се произведуваат без доволно тестирање или со единствена цел брза заработка, може да дојде до дефекти или непредвидливо однесување, што може да предизвика повреди или материјална штета.
Честопати, хуманоидните роботи имаат камери, сензори и пристап до мрежи, што ги прави лесна мета за хакери. Ако некој преземе контрола над робот, тоа може да доведе до пристап до доверливи податоци или дури и физичка опасност.
Покрај тоа, поради недостиг на строга регулатива, многу компании произведуваат роботи без јасни стандарди за безбедност, приватност и тестирање – што го зголемува ризикот индустријата да се развива хаотично и неодржливо.

Што точно планираат кинеските власти?
Кина сака да ги поддржи компаниите што создаваат функционални, реално употребливи роботи, а не оние што само „копираат“ постоечки модели. Притоа, акцент ќе се стави и на контрола на извозот на клучни компоненти – како специфични метали и магнети што се користат во роботиката, а кои често се класифицирани како „двонаменски“ (dual-use), односно може да се користат и цивилно и воени цели. За нив не може секој да добие дозвола за увоз или извоз.
Фокусот ќе биде и на истражување и развој, затоа што властите сакаат да поттикнат вистински технолошки напредок: наместо брзи, масовни и евтини копии, да се вложува во иновации, стабилни конструкции и долгорочни планови за примена.