Најотровната риба во јадранските води, позната и како риба пајак, е уловена на брегот на единствениот морски град во БиХ – Неум.
По тој повод, „Lignjolov Eging Club Neum“ денес, 30 ноември, преку „Facebook“ ги предупреди капачите и риболовците на опасноста што ја претставува рибата пајак.
Од клубот нагласуваат дека станува збор за една од најотровните риби што го населуваат Јадранското Море, а како особено опасен го истакнуваат пајакот белец, кој често се крие во плитките делови, закопан во песок – поради што лесно може да се нагази.
Рибата пајак на грбната перка има отровни боцки.
Најчестиот начин на повредување е токму случајното газење при влегување во море или при престој во плитка вода.
Симптоми на убод
Убодот од оваа риба предизвикува силна, пулсирачка болка која се шири од местото на повредата.
Кожата околу убодот може да ја смени бојата – од бледа до темносина – придружена со оток и појава на меури. Во потешките случаи може да се појават вртоглавица, слабост, покачена температура, отежнато дишење, па дури и губење на свеста.
Од споменатиот клуб порачаа дека претпазливоста никогаш не е доволна.
Риболовците и капачите ги советуваат да бидат исклучително внимателни при ракување со уловената риба.
Посебна претпазливост препорачуваат при одење по плитката зона – токму поради пајакот, кој речиси незабележливо се крие во песокот.