Додека од Алексеј извлекувала пари, Јана истовремено била во врска и со друг маж.
Против Јана Шевцова, поранешна учесничка во руското ријалити-шоу „Dom-2“, започната е кривична постапка поради повеќемесечно измамување и изнудување пари од оженетиот бизнисмен Алексеј.
Според истрагата, ријалити-ѕвездата цела година го уверувала милионерот дека е бремена од него. За да ја направи приказната уверлива, му испраќала лажни снимки од ултразвук, фалсификувана медицинска документација и редовно барала пари наводно потребни за „зачувување на бременоста“ и лекарски третмани.
Во тој период успеала од бизнисменот да извлече повеќе од 23 милиони рубљи, односно околу 250.000 евра.

„Кога сфатил дека е измамен, веднаш отишол во полиција“, соопшти прес-службата на Обвинителството на Свердловската област.
Истражителите тврдат дека Јана му праќала и фотографии од бебе во реанимација, преземени од интернет, претставувајќи ги како нивно новороденче. Подоцна било откриено дека снимките однапред биле зачувани во нејзиниот телефон.
Познаници на Алексеј велат дека бил скршен кога ја увидел целата димензија на манипулацијата.
Врска со друг маж
Додека од Алексеј извлекувала пари, Јана паралелно била во врска со друг маж – млад човек по име Александар, кој сега е сведок во постапката.
Александар се сеќава дека се запознале случајно, во бар, во 2023 година. Вели дека токму таа му се јавила, била иницијативна и самоуверена. За своето „медиумско искуство“ и учество во ријалити-шоута зборувала подоцна, како за нешто што би требало да импресионира.
Но со текот на времето, ситуацијата почнала да излегува од контрола.

Јана почнала да му се појавува пред вратата ноќе, инсистирајќи да го „провери“ станот, убедена дека внатре се наоѓаат жени. Често го будела обезбедувањето, тропала по вратата, барала да се разбие бравата, а повремено тврдела и дека Александар е внатре – без свест.
„Ги гледав снимките од камерите – лазеше под моите врати, викаше, навредуваше, спомнуваше специјални служби и закануваше дека наскоро ќе дојдат специјалци“, изјави тој.
Лажна бременост и нова шема
Во еден момент, вели тој, Јана се обидела и нему да му ја наметне истата приказна за бременост. На неговите пријатели им покажувала снимки од ултразвук и тврдела дека очекуваат дете. Александар веднаш посомневал дека сè е измислено.
„Отворено кажуваше дека знае како да манипулира со мажи и дека не гледа проблем во тоа да живее на туѓ грб“, сведочи тој.

Според неговите зборови, се пофалила и дека, откако од Алексеј добила 500 илјади рубљи, пријавила таксист во полиција само затоа што се скарале – „за да го научи памет“.
„Со текот на времето сфатив дека и мене може да ме вовлече во сериозен проблем“, додаде Александар.
Ја чека судење
Денес, случајот е во активна фаза. Истражителите тврдат дека Јана Шевцова намерно градела приказна за бременост и болно дете за да извлекува пари од Алексеј. Вкупната штета е огромна, поради што случајот се води како тежок.
Обвинителството веќе побарало казна од пет години затвор, а Алексеј се надева на праведна пресуда. Неговите пријатели велат дека сè уште ги чувствува последиците од повеќемесечниот психички притисок.