Сè повеќе жени денес се откажуваат од традиционалните улоги и свесно избираат живот без брак или деца. Но приказната на една жена од генерацијата X, која на TikTok проговори за последиците од својата одлука да не основа семејство, ги трогна многумина и поттикна лавина коментари во пресрет на празничната сезона.
Надија Бекар (53), наградувана експертка за убавина и основачка на брендот „Bekar Beauty“, најпозната по советите за нега на кожа, во серија видеа објавени непосредно пред почетокот на празниците, искрено призна дека „заборавила да има деца“.
„Знаев дека не сакам деца, но кога дојде моментот кога требаше да ги имам со мојот тогашен партнер, за мене веќе беше предоцна“, откри таа.
Празниците се најтешки
Бекар нагласи дека многу ги сака децата и има преслатко милениче, но овој период во годината често буди чувство на празнина. Иако знае дека не е фер да се обвинува себеси — особено поради тоа што низ животот имала низа лоши партнери — тоа не ја намалува тагата што ја чувствува.
„Осамено е помеѓу Божиќ и Нова година“, забележа таа, додавајќи дека тогаш сè е насочено кон семејството и децата.
„Дали донесов вистинска животна одлука?“
Во следното видео, Бекар призна дека нејзината одлука да нема деца никогаш не ѝ пречела сè додека не влегла во педесетите. Денес често ја мачат тешки прашања.
„Дали ќе останам сама и мачките ќе ме изедат, а никој нема да забележи дека ме нема? Дали направив вистински избор?“, се запраша таа.
Во третото видео појасни дека се омажила во своите триесетти за партнер кој сакал деца, но таа не можела да забремени. Кога вели дека „заборавила да има деца“, всушност мисли дека била „премногу зафатена создавајќи живот“. „Да се стане мајка не ми беше приоритет, но всушност сакав семејство, сакав таков вид топлина и љубов, мрежа на поддршка околу мене — но тоа едноставно никогаш не ми се случи.“
„Можеш да се чувствуваш осамено и со деца“
Бекар истакна дека живее многу „исполнет и среќен живот“, но дека периодот кога најсилно го чувствува недостатокот на топла семејна атмосфера е околу Божиќ, Велигден и понекогаш Нова година.
Под видеата следеа бројни реакции од жени кои ги споделија сопствените искуства и размислувања.
„Можеш да се чувствуваш осамено и со деца, дури и за Божиќ“, напиша една корисничка.
Друга додаде: „Божиќ со деца е полн со нереални очекувања и прескап консумеризам.“
„Тоа е само сезонско расположение, сè е преценето! Јас сум самохрана мајка на една ќерка, но и таа ќе има свој живот — па пак ќе бидам сама,“ сподели трета.
Една жена заклучи: „Имам 55 години и никогаш не сум се покајала што немам деца.“