Следните видеа не даваат конечен одговор на познатото прашање, но можеби ќе ве натераат да размислите за овој феномен.
Ги објави Бири Андерсон, мајка на Ива и Еми – девојчиња кои често прават исти работи, дури и кога не се гледаат меѓусебно.
„Тест“ за близначките
Првиот од снимките „собра“ повеќе од 32 милиони прегледи за само неколку дена и претставува своевиден „тест“ за симпатичните близначки.
Нема да ви ги откриваме деталите, но вреди да се каже дека гледачите особено ги заинтригира моментот кога таткото им кажа на девојчињата да ги допрат лактите, пренесува „Net.hr“.
Двете погрешија и го фатија – десното рамо.
Популарна теорија
Поврзаноста на близнаците (особено еднојајчаните) многумина ја опишуваат како „способност“ да ги почувствуваат емоциите, мислите или физичките сензации на другиот – на далечина, без употреба на сетила.
Приврзаниците на оваа (никогаш докажана) теорија ја опишуваат како некаква форма на „телепатија“ која може да го предупреди еден близнак на опасност, да го рефлектира болката на другиот или да предизвика иста мисла во ист момент.
Овој концепт добил замав кон крајот на 19. век, во период на растечки интерес за спиритуализам и за раните психолошки науки.
„Не се пронајдени докази“
Друштвото за психолошки истражувања, основано во Лондон во 1882 година, било меѓу првите што собирале „извештаи за телепатија“, вклучувајќи и меѓу близнаци.
Сепак, и покрај бројните проучувања, научната заедница останува поделена, со мнозинство што наклонува кон скепса.
Директорката на Центарот за истражување на близнаци при Државниот универзитет во Калифорнија и една од водечките светски експертки за психологија на близнаците, Ненси Сегал, истакнува дека „телепатијата“ е мит.
Според неа, поголемиот дел од студиите „не пронашле докази за вонсензуално перцепирање“, а оние што покажале значајни резултати не успеале да бидат реплицирани.
Научниците спроведуваат експерименти
Сегал нагласува дека не постои веродостоен научен доказ дека „телепатијата на близнаци“ е реална – барем не во обликот што го претставува поп-културата.
И покрај тоа, научниците и понатаму спроведуваат експерименти. „National Geographic“ известува за студии кои се обидуваат да ја докажат физиолошката поврзаност.
На пример, пилот-студија од 2013 година изложила еден близнак на ненадејни надразнувачи – како гласни звуци или топлина – додека физиолошките реакции на другиот биле следени во изолирана просторија.
Иако резултатите во некои случаи биле над нивото на случајност, тие не биле доволно конзистентни за да се прогласат за дефинитивен доказ.
„Статистички значајни“ резултати
Од друга страна, некои истражувања ја оставаат отворена можноста дека „постои нешто повеќе од пука случајност“.
Такво е истражувањето објавено на платформата „ScienceDirect“, кое ја опишува т.н. Лондонска студија. Во неа биле тестирани четири пара еднојајчани близнаци. Додека едниот бил изложен на шокови и изненадувања, другиот бил приклучен на полиграф во звучно изолирана просторија.
Интересно е што еден пар близнаци покажал исклучителни резултати, при што независен судија успеал точно да ги идентификува моментите на надразнување врз основа на физиолошките податоци на другиот близнак – значително почесто од она што би се очекувало со пука среќа.
Истражувачите ги опишаа резултатите како „статистички значајни“, сугерирајќи потреба од понатамошно проучување, иако не тврделе дека експериментот докажал телепатија – ниту пак го докажал.