Автомобили

Овој олд-тајмер често се гледаше низ Македонија, а ако се уште го имате во гаражата можете да го продадете за 7.000 евра

Податоците од Германскиот автоклуб покажуваат дека бројот на регистрирани модели „Trabant 601“ расте веќе околу 10 години. Во 2014 година имало нешто повеќе од 32 илјади, а минатата година била надмината бројката од 40 илјади.

Шеесет години откако заживеа, малиот комунистички источногермански автомобил кој стана познат во времето на падот на Берлинскиот ѕид, е баран олдтајмер, а неговата цена брзо расте.

Просечната цена на добро сочуван „Trabant 601“ се искачи на околу 7300 евра, вели експертот Герд Хајнеман од германската компанија „BBE Automotive“, а неговата вредност постојано се зголемува.

„Trabant 601“ стана икона во 1989 година кога стотици автомобили почнаа да се „тркалаат“ преку границата помеѓу тогашната Источна и Западна Германија. Но, многу други љубители на автомобили тешко ќе останат воодушевени од 23-те коњски сили на „Trabant“, неговото воздушно ладење, „вртоглавата“ максимална брзина од 100 км/ч. и пластичната каросерија.

Неговата привлечност лежи во двата големи, тркалезни фарови кои му даваат симпатичен изглед налик на цртан филм. Во комунистичка Источна Германија имало недостиг од метал, па произведувачите користеле тврда пластика за каросеријата, дуропласт, која е слична на бакелит. На почетокот на март 1964 година, фабриката за автомобили „VEB Sachsenring Automobilwerke“ за прв пат го претстави „Trabant 601“ на меѓународната јавност на пролетниот саем во Лајпциг. Тоа беше помодерна верзија на „Trabant“ кој првпат излезе од производната лента во 1957 година.

Моделот бил продаден во повеќе од 2,8 милиони единици и се произведуваше до 1991 година. Во типична пастелно сина, поларно бела или зелена боја, можеше да се види „во акција“ од Источен Берлин до северниот остров Риген.

Податоците од Германскиот автоклуб покажуваат дека бројот на регистрирани модели „Trabant 601“ расте веќе околу 10 години. Во 2014 година имало нешто повеќе од 32 илјади, а минатата година била надмината бројката од 40 илјади. Четири петтини од нив се на истокот на земјата. Повторниот увоз е заслужен за тоа што во Германија има сè повеќе „Trabant 601“, објаснува експертот Хајнеман. Многу од автомобилите биле вратени од поранешните комунистички земји како Полска и Унгарија, каде што исто така некогаш беа вообичаени.