Автомобили

Uber се префрла на електрични возила

Американската дигитална компанија за транспорт и услуги за испорака Uber и кинескиот производител на автомобили BYD најавија повеќегодишно партнерство кое треба да донесе 100.000 нови електрични возила на патиштата во Европа, а потоа и во Латинска Америка.

Партнерството на возачите на Uber ќе им гарантира пристапни цени и финансирање на електричните возила на BYD, а по почетната европска и латиноамериканска фаза, треба да ги вклучи Блискиот Исток, Канада, Австралија и Нов Зеланд, објави компанијата.

Попусти за одржување, наплата, финансирање, лизинг

За поддршка на транзицијата кон електрични возила, Uber и BYD ќе им понудат на возачите попусти за одржување на возилата, полнење на батериите, финансирање и лизинг, во зависност од пазарот.

„Кога возачот на Uber ќе се префрли на електрично возило, неговите перформанси за емисиите може да бидат до четири пати подобри од оние на „обичен“ возач, едноставно затоа што повеќе се на пат“, рече извршниот директор на Uber, Дара Косрошахи.

Трката помеѓу BYD и Tesla

Компаниите додадоа дека ќе работат заедно за да ги вклучат возилата на BYD и нивните технологии за самоуправување во транспортната платформа на Uber.
Американскиот ривал на BYD, Tesla, кој веќе осети пад на американскиот пазар, треба да го претстави своето роботско такси во октомври, бидејќи се обидува да направи пресврт откако продажбата на електрични возила опадна во првите два квартали од оваа година.

Кинеската компанија претходно ја узурпираше круната на најголемиот светски производител на електрични возила од Тесла, но американската компанија оттогаш го врати првото место, забележува Reuters.

Во јануари, Uber објави дека во соработка со Tesla, ги промовира своите електрични возила на платформата во САД, бидејќи сака да стане платформа без штетни емисии во американските и канадските градови до 2030 година.