БизнисПопуларно

Уапсен сопругот на најбогатата Русинка! Обвинет е дека убил и ранил полицаец!

Владислав Бакалчук, сопругот на најбогатата жена во Русија, вчера е уапсен во Москва под обвинение за убиство, објавија неговите адвокати.

Апсењата се случија еден ден по пукањето во кое загинаа две лица во московската канцеларија на Wildberries, најголемиот руски онлајн трговец на мало, кој се наоѓа на неколку блока од Кремљ, објави Ројтерс.

Во престрелката се ранети седум лица, меѓу кои и двајца полицајци. Брачниот пар Бакалчук од јули е во процес на развод, објави „Радио Слободна Европа“.

Сопружниците меѓусебно се обвинуваат за пукањето во средата.

Престрелката се случи откако пред неколку недели „Wildberries“ го финализираше контроверзниот договор за спојување кој, според АФП, лично го одобри рускиот претседател Владимир Путин.

Владислав Бакалчук го осуди потегот за спојување како „огромна грешка“. Тој во средата изјави дека дошол на однапред договорен состанок и дека првиот истрел го испукале вработени во канцеларијата.

Од друга страна, Татјана рече дека Владислав и неговите колеги се обиделе да ја окупираат канцеларијата и дека средбата не била закажана.

Татјана Бакалчук во средата на Телеграм изјави дека група предводена од нејзиниот сопруг и уште двајца мажи, кои таа ги идентификуваше како Сергеј Ануфриев и Владимир Бакин, се обиделе да ги окупираат канцелариите на компанијата во главниот град на Русија.

Татјана Бакалчук (48) е најбогатата жена во Русија, а магазинот Форбс нејзиниот имот го процени на повеќе од четири милијарди долари.

Радио Слободна Европа на руски јазик во средата објави дека Истражниот комитет соопштил дека започнал истрага за „елементи на кривичното дело“, вклучително убиство, обид за убиство на две или повеќе лица, нелегално поседување оружје и обид за убиство на службеник за спроведување на законот.