ВестиПопуларно

Му “опнале” 600 милиони евра на Брисел, па полицијата им заплени станови, вили, накит, злато, криптовалути …

Италијанската полиција уапси 22 лица и заплени имот во вредност од над 600 милиони евра, од вили до часовници Ролекс, како дел од истрагата за наводна измама со европски и италијански фондови.

Финансиската полиција во Венеција соопшти дека верува дека група која оперирала во голем број европски земји сакала да го злоупотреби фондот на Европската унија за закрепнување од пандемијата на корона вирусот, како и субвенциите што Италија ги воведе за подобрување на домовите.

Полицијата заплени станови, вили, часовници Ролекс, накит од Картие, злато, криптовалути и луксузни автомобили како Ламборџини и Порше.

Три лица се уапсени во Словачка, две во Австрија и 17 низ Италија, соопшти полицијата, додавајќи дека претреси се вршат и во Романија.

Италија досега има добиено речиси 102 милијарди евра за закрепнување од пандемијата, а се очекуваат уште 90 милијарди до 2026 година.

Полицијата соопшти дека неименуваните осомничени развиле „софистицирани системи за измама“, презентирајќи фиктивни проекти и со тоа добивале даночни олеснувања од државата.

Криминалната организација воспоставила и систем за перење пари, вклучувајќи сервери во трети земји и крипто средства.

Италијанската полиција нагласи дека во истрагата соработувала со Европското јавно обвинителство (ЕППО), кое е одговорно за истрага и гонење на злосторства извршени против европскиот буџет.

Во својот годишен извештај објавен во февруари, ЕППО откри дека минатата година спровела 1.927 истраги кои опфаќаат околу 19,2 милијарди евра.