Вести

Невреме предизвика општа катастрофа! (ФОТО/ВИДЕО)

Најмалку три лица загинаа денеска во југозападниот дел на Јапонија, кој беше погоден од тајфунот Шаншан со силен дожд и многу силен ветер, оставајќи повеќе од 250.000 домаќинства без струја.

Исто така, во прекин или отежнат е воздушниот и железничкиот сообраќај.

Тајфунот, со удари на ветер до 198 километри на час, утрово падна на копно во близина на градот Сатсумасендаи, на југозападниот остров Кјушу, објави метеоролошката агенција.

Три лица загинаа, едно е исчезнато, двајца се тешко повредени, а пет се здобиле со полесни повреди како последица на тајфунот, изјави секретарот на јапонската влада Јошимаса Хајаши, пренесе Ројтерс.

„Бидејќи овој тајфун се движи бавно, вкупните врнежи би можеле да бидат доста големи“, рече Хајаши на прес-конференција.

Властите предупредија дека бурата може да биде една од најсилните што некогаш го погодила регионот, а локалните власти издадоа наредби за евакуација на милиони жители во неколку префектури.

Снимката од јапонскиот јавен сервис NHK покажува срушени ѕидови и скршени прозорски стакла на згради во градот Мијазаки во јужниот дел на Кјушу, соопшти агенцијата.

Повеќе од 250.000 домаќинства во седум префектури утрово се соочија со прекин на електричната енергија, се вели во соопштението на локалниот дистрибутер.

Откако ќе се задржи во областа на островот Кјушу во следните неколку дена, невремето се очекува да се приближи до централните и источните региони на Јапонија, вклучувајќи го и главниот град Токио, околу викендот, соопшти метеоролошката агенција.

Авиокомпаниите, ANA Holdings и Japan Airlines, веќе најавија откажување на повеќе од 600 домашни летови.

Возниот сообраќај е прекинат во многу области на Кјушу.

Големите производители на автомобили, вклучувајќи ги Тојота и Нисан, затворија некои или сите свои домашни фабрики поради невремето.

Тајфунот Шаншан е најновиот метеоролошки систем што ја погоди Јапонија, по тајфунот Ампил, кој исто така предизвика прекин на електричната енергија и евакуација на почетокот на овој месец, пренесува Ројтерс.