ВестиПопуларно

Следат најтешките 48 часа во Грција, ќе биде вистински пекол на земјата: Познатиот метеоролог најавува, температурите ќе надминат …

Највисоки температури ќе бидат во среда, четврток и петок

Туристичкиот локалитет Акропол во Атина денеска од пладне до 17 часот ќе биде затворен поради екстремните температури, соопштија грчките власти.

Одлуката е донесена за заштита и на вработените и на посетителите, пренесува Катимерини.

Забележано е дека денеска и утре Грција минува низ најлошите 48 часа топлотен бран, а се очекува температурите да достигнат и до 43 Целзиусови степени во некои делови од земјата.

Властите се во зголемена готовност и поради шумските пожари кои секое лето ја оптоваруваат Грција, пишува порталот.

Метеорологот Михалис Ситас рече дека ова е еден од најдолгите топлотни бранови во последните години и нагласи дека времето ќе биде тропско во вечерните часови со особено високи температури.

– Грција ја очекуваат три топли денови. Овој феномен е можеби еден од најдолгите топлотни бранови со најголем број последователни топли денови забележани во последните години – изјави тој за newsit.gr.

Највисоки температури ќе бидат во среда, четврток и петок. Максимални температури од 42 до 43 степени се очекуваат во континенталните предели. На брегот поради морскиот воздух температурата ќе биде за 3 до 5 степени пониска. Високите температури нема да ги заобиколат и континенталните предели во Јонското подрачје, Додеканез и јужниот дел на Крит.

Топлината не престанува ниту ноќе

Ситас предупреди дека најтопол ден во земјава ќе биде четврток, 18 јули, кога се очекуваат екстремни горештини. Температурите нема многу да опаѓаат во ноќните часови, особено во големите градски центри, а се очекуваат и тропски ноќи.

Грција во вторникот им нареди на некои работодавци да ја прекинат работата на своите вработени од тешката работа на отворено оваа недела, во попладневните часови кога високите температури се шират низ целата земја.

Изминативе денови тропските температури има и во Македонија, поради што голем број граѓани едвај го чекаат заладувањето кое би можело да дојде викендов.