Вести

Хрватка мислела дека ја пронашла својата љубов, но на крајот останала без 60.000 евра

Интернетот стана исклучително привлечен за сајбер-криминалците кои користат софистицирани трикови и ветувања за да добијат пари или вредни финансиски информации од своите жртви.

За 60.000 евра била измамена 33-годишна жителка на Осијечко-барањската жупанија, која во неколку наврати ја уплатила таа сума на сметките на лице кое се претставувало како американски војник на интернет, извести во средата локалната полиција.

Сè уште непознатиот сторител, претставувајќи се како американски војник, преку социјалните мрежи запознал 33-годишна Хрватка, која во неколку наврати од 9 октомври 2023 година до крајот на јули годинава му уплатила вкупно 60.000 евра.

Од полицијата во Осиек наведуваат дека ќе следи понатамошна работа за откривање на сторителот на ова кривично дело. Тие, исто така, ги повикуваат граѓаните да не ги внесуваат податоците од нивните банкарски картички на сомнителни сајтови или апликации.

Од хрватското МВР потсетуваат дека реализираат проект за зајакнување на полициските капацитети преку стекнување на компјутерски системи за истражување на отворени извори на Интернет и на Даркнет и за специјализирана обука за сајбер криминал.

Како дел од проектот се спроведува превентивната кампања „Веб херој“ чија цел е да се подигне свеста и да се едуцираат граѓаните за неопходноста и начините на заштита во виртуелниот свет за да не станат жртви на овие кривични дела.

Тие велат дека Интернетот станал исклучително привлечен за сајбер-криминалците кои користат софистицирани трикови и ветувања за да добијат пари или вредни финансиски информации од своите жртви.

Последиците од таквите измами се сериозни, што доведуваат до финансиски загуби, губење на довербата, оштетување на угледот и често предизвикуваат долгорочен емоционален стрес кај жртвите и нивните семејства. За да се намали веројатноста да се стане жртва, најефикасен начин е однесувањето засновано на самозаштита, а тоа го постигнуваме преку информирање и едукација, велат од МВР.