ВестиПопуларно

Европа во страв! Смртоносниот вирус го зафати континентот: Осум лица починаа од инфекција од почетокот на годината, најмногу во Грција

Европскиот центар за превенција и контрола на болести вчера соопшти дека од почетокот на оваа година во Европа, осум лица починале како последица на инфекција со вирусот Западен Нил, наведувајќи дека најголем број заболени се регистрирани на југот на европскиот континент.

Вирусот, кој се пренесува со каснување од комарец, може да предизвика западнонилска треска со симптоми на главоболка, малаксаност, треска, повраќање и замор, пишува Politiko.eu.

Околу 80 отсто од заразените со вирусот немаат никакви симптоми, додека помалку од еден отсто од заразените може да покажат симптоми на сериозна болест која влијае на нервниот систем.

Од 31 јули, пет лица во Грција починаа од вирусот

Во соопштението на ECDC се наведува дека заклучно со 31 јули, пет лица починале од вирусот во Грција, две во Италија и едно во Шпанија, иако шпанските медиуми објавија дека две лица починале од вирусот во таа земја.

ECDC вели дека вкупниот број пријавени случаи оваа година е во рамките на очекуваниот опсег, иако бројот на случаи во Грција и Шпанија е поголем од претходните години.

Потврдено е дека Грција пријавила вкупно 31 случај, Италија 25 и Шпанија пет, додека Австрија и Унгарија пријавиле по два случаи, а Франција и Романија по еден.