Автомобили

Доаѓаат и паметни гуми: Пирели и Бош најавија соработка за развој на оваа нова технологија

Возилата наскоро ќе можат да имаат, покрај паметни системи за возење, и паметни гуми, благодарение на соработката на италијански Пирели и германски Бош.

Италијанскиот производител на гуми “Pirelli” и германската технолошка групација “Robert Bosch” најавија соработка за развој на „паметна“ технологија за гуми која треба да биде интегрирана во системот за контрола на возилата.

Новиот софтверски систем треба да ја подобри безбедноста, удобноста, одржливоста и динамиката на возење со комбинирање на сензорите интегрирани во гумите на Pirelli и хардверската и софтверската експертиза на Bosch.

Таа комбинација ќе овозможи собирање, обработка и пренос на податоци за гумите во реално време за да се обезбедат параметри за електронскиот систем за контрола на возилото, се вели во соопштението.

Во првиот заеднички проект, Bosch веќе разви апликација за Pirelli за контрола на стабилноста на гумите поставени на суперавтомобилите Pagani.

Финансиските детали за новиот проект сеуште не се објавени.