Автомобили

Неверојатен изум: Јапонската компанија создаде боја за автомобил која го лади вашиот автомобил – за цели 12 степени!

Резултатите се импресивни, покажувајќи до 12,7°C пониска внатрешна температура во споредба со возилата со конвенционална боја.

Во ноември 2023 година, „Nissan“ започна 12-месечно тестирање на таканаречената ладна боја на терминалот на меѓународниот аеродром во Токио. Во соработка со „Japan Airport Terminal Co“ и „All Nippon Airways“ (ANA), бојата била нанесена на неколку комбија „Nissan NV100“ кои ги користеле работниците на аеродромот.

Со големи отворени површини изложени на сончева светлина, аеродромот Ханеда обезбедил совршена средина за проценување на ефектот на бојата.

Прелиминарните резултати се импресивни, покажувајќи до 12,7°C пониска внатрешна температура во споредба со возилата со конвенционална боја. Кога надворешната температура е околу 35°C, ако го оставиме возилото паркирано на сонце, кабината станува вистински пекол и за само половина час лесно може да надмине 50°C.

Иако термичките премази не се новитет, тие се користат во зградите веќе со децении, нивната примена во возилата претставува значителен предизвик.

За што станува збор?

За разлика од другите термички премази кои обично се дебели и се нанесуваат со валјаци, ладната боја на „Nissan“ е доволно тенка за да се распрскува и може да содржи проѕирен горен слој (лак) кој ја штити од оштетувања како што се гребнатини.

Со дебелина од приближно 120 микрони, бојата е многу потенка од вообичаените 400 микрони или дури 800 микрони кај најчесто користените термички бои.

Сепак, ладната боја на „Nissan“ е сè уште околу 6 пати погуста од типичната автомобилска боја, па затоа носи дополнителна маса со себе. За да го реши ова, јапонскиот бренд ја тестира својата боја во различни варијации на дебелина.