ВестиПопуларно

Датумот на свадба им е ставен како датум на нивната смрт: Синот и снаата на Стевчо наместо венчаница, добиле умреница

Стевчо Јакимовски се пожали дека неговиот син и снаата, наместо извод од Матичната книга на венчаните лица, добиле извод од Книга на умрените и денот на нивната венчавка е впишан како денот на нивната смрт.

„Скандал. Од црн по црн хумор. Замислете, мојата снајка и мојот син побараа извод од Матичната книга на венчаните, чекаа два и пол часа и го добија овој извод. Извод од Матичната книга на умрените. Денот на нивната венчавка е впишан како ден на смртта. Овие млади луѓе се во шок, можете да замислите секоја годишнина од бракот на што ќе ги потсеќа“, вели Јакимовски.

Потпишана е, како што објасни, Дијана Антониевиќ, веројатно, како што додава, кадар на СДСМ или ВМРО-ДПМНЕ бидејќи „не е Албанка, не може да е на ДУИ“.

„Економските причини за иселување веќе не се оние што ги бркаат младите. Се давиме во хаос на секое поле. Со вакви перспективни и талентирани кадри се наполнети и држвната и јавната администрација. Имаме илјадници црни хумори со партиски кадри на ВМРО-ДПМНЕ или на СДСМ и што е најбитно и ним не им чини администрацијата во зависност дали се власт или опозиција. Малку останавме политичари од Титово време што знаат како функционирала државата, сè друго е резултат на 20 кампањи и лепење плакати“, потенцира Јакимовски.

Управата за водење на матичните книги упати јавно извинување до градоначалникот на Општина Карпош, Стевчо Јакимовски кој претходно денес објави дека неговиот син и снаата побарале венчаница, а добиле умреница.

„Административниот службеник, вработен во Управата за водење на матични книги – Подрачно одделение Скопје во краток рок ќе биде санкциониран согласно Законот за административни службеници. Јавно се извинуваме на семејството на градоначалникот на Општина Карпош г-дин Стевчо Јакимовски за немилиот настан“, велат од Управата.