Вести

Денеска се одбележуваат 20 години смртта на Борис Трајковски

Со државнички активности, Владата на Република Северна Македонија денеска ќе ја одбележи 20-годишнината од авионската несреќа во која животот го загуби поранешниот претседател, Борис Трајковски, членовите на неговиот кабинет и екипажот на авионот.

Како што соопштија од владината прес-служба, на овогодинешното одбележување на Градските гробишта во Бутел, со почеток во 12 часот, на гробот на поранешниот претседател Борис Трајковски, ќе присуствуваат и ќе положат цвеќе неговата сопруга Вилма Трајковска со членови од семејството, претседателот на државата Стево Пендаровски, делегација на Собранието предводена од спикерот Јован Митрески, делегација на Владата составена од Славица Грковска, вицепремиерка задолжена за политики на добро владеење и Ристо Пенов, министер за локална самоуправа. Цвеќе ќе положат и делегација на Армијата на Република Северна Македонија, како и делегација на Сојуз на борци од НОАВМ предводена од Наум Бурески, потпретседател на Главен одбор на СБМ.

Во Ротимље, близу Мостар, Босна и Херцеговина на спомен обележјето каде што се случи несреќата, во 10 часот ќе положат цвеќе претставници од Владината делегација составена од министерката за култура, Бисера Костадиновска Стојчевска и Каја Шукова, министерка за животна средина и просторно планирање како и претставник од Кабинетот на Претседателот на Република Северна Македонија, полковник Билјана Блажеска, аѓутант на Претседателот на Република Северна Македонија.

Исто така, вечерва со почеток во 20:30 часот во Национална опера и балет ќе се одржи комеморативен настан, на кој свое обраќање ќе има претседателот Пендаровски.

Покрај претседателот Борис Трајковски, животот го загубија портпаролот Димка Илкова Бошковиќ, советниците Ристо Блажевски и Анита Лозановска, претставникот на Министерството за внатрешни работи Миле Крстевски, телохранителите Аце Божиновски и Борис Велиновски, како и пилотот и копилотот на авионот.