ВестиПопуларно

„Другар ми ме молеше да не го изедам“: Шокантната приказна на човекот кој преживеал 438 дена изгубен на море

Рибарот Хозе Салвадор Алваренга отишол на навидум безопасно рибарење кое засекогаш му го променило животот. Тој барал добар улов, заедно со неговиот пријател Езекиел Кордоба, а потоа поминал 438 дена изгубен на море.

Што се случило?

Авантурата на Хозе и Езекиел започнала во ноември 2012 година. Тие тргнале од селото Коста Азул, во близина на мексиканскиот град Пихихиапан. Барале добар улов, а за малку ќе се соочеле со смрт.

Бродот завршил среде море откако брановите немилосрдно го „фрлале“ една недела. Моторот престанал да работи, изгубиле добар дел од опремата, а брзо останале без храна и вода.

На отворено море, без храна и вода


Неделите поминувале, а двајцата рибари преживувале така што ловеле и јаделе сирова риба. Покрај рибите, исхраната им се сведувала на желки и медузи, а бидејќи немале вода за пиење преживувале со помош на крв од галеби, урина или дождовница.

„Бев толку гладен што ги јадев сопствените нокти, ги голтав сите мали парчиња“, изјавил подоцна Алваренга.

Јавноста верувала дека тие настрадале. По 5 месеци Алваренга останал сам. Неговиот пријател не можел да го издржи притисокот, одбивал да јаде, плачел со часови, а на крајот починал.

Останал сам

Пред смртта, тој го замолил Алваренга само едно – да не го изеде неговото тело – и добил ветување дека тоа нема да се случи. Телото се наоѓало на бродот 6 дена, а кога Алваренга се фатил себеси како разговара со трупот, решил да изврши ритуал на погреб.

Во самотијата која следела, рибарот се забавувал замислувајќи дека игра фудбал, а како топка користел риба.

За да се заштити од депресија, тој измислил алтернативна реалност, во која, како што подоцна тврдел, уживал. Исто така многу размислувал за семејството и ќерката.

Како завршила агонијата?

По 14 месеци поминати на море, Алваренга конечно се нашол во близина на брегот на Маршалските Острови, речиси 9.000 километри оддалечен од неговата првобитна дестинација.

Тој со брзина на светлината скокнал од бродот, допливал до копното и нашол куќа во сопственост на брачен пар. Тогаш и официјално завршила неговата агонија од 438 дена.

Рибарот бил спасен на 30-ти јануари 2014 година, а камерата снимила измачен маж со долга брада и бушава коса. Лекарите констатирале дека виталните знаци се добри, освен нискиот крвен притисок, дехидратацијата и отечените глуждови.

Во болница останал 11 дена, по што бил пуштен дома. За него се вели дека развил страв од вода, имал проблеми со спиењето и бил анемичен. Тој го споделил пеколот низ кој поминал дури една година подоцна.