ВестиПопуларно

Зошто свињите околу Чернобил сѐ уште се радиоактивни, но другите животни не се

Дивите свињи кои живеат во зоната на исклучување на Чернобил долги години ги збунуваа научниците. Анализирајќи ги другите диви животни, на пример, елените, откриле дека тие, со текот на времето, се сè помалку радиоактивни. Но, дивите свињи и понатаму се еднакво „полни“ со цезиум-137, елемент чие време на полураспаѓање е нешто повеќе од 30 години. Како?

Она што го откриле е навистина фасцинантно: украинските свињи не само што биле озрачени во времето на најголемата нуклеарна катастрофа, што се случила во 1986 година, туку веќе претходно биле озрачени и тоа, со тестирањето на атомските бомби, што се случувало во текот на шеесетите.

Радиоактивната загатка минатата година ја реши тим на научници од „Универзитетот во Виена“ и „Универзитетот Лајбниц“ во Хановер, кои успеаја да го откријат потеклото на радиоактивноста со помош на најсовремени мерења.

Катастрофата во Чернобил емитирала значителни количини цезиум-137, радиоактивен изотоп со време на полураспаѓање од нешто повеќе од 30 години. Бидејќи од несреќата поминаа повеќе од три децении, се очекуваше дека нивоата на изотопи ќе се намалат за најмалку 50 отсто. Но, нивоата на радијација останаа речиси исти во текот на последните 30 години.

Користејќи попрецизни мерења, тимот успеал да види дека уште еден, сличен изотоп бил во игра кај свињите кои живеат во Германија: цезиум-135, кој има многу подолго време на полураспаѓање.

„Тој има толку долг полуживот, ретко се распаѓа и не можете да го откриете само со детектори за зрачење. Мора да работите со методи на масена спектрометрија и да вложите релативно големи напори за прецизно да го разликувате од другите атоми. Сега успеавме во тоа“, рекол професорот Георг Штајнхаузер, пишува „ИФЛ Саенс“ (IFL Science).

Иако истражувачите забележале цезиум-135 во остатоците од телото на баварските диви свињи, а не на оние од зоната на исклучување, тие веруваат дека откритијата може да се применат и на таа област. Меѓутоа, откако беше решена мистеријата за изотопот што не може да се „отстрани“ од дивите свињи, научниците се запрашале зошто тоа им се случува на нив, а не на другите животни.

Ова најверојатно има врска со исхраната на свињите кои јадат тартуфи, печурка која се наоѓа на 20 до 40 сантиметри под земјата, заклучиле тие. Цезиумот многу бавно се спушта во земјата, така што подземните тартуфи дури сега го апсорбираат овој изотоп којшто беше ослободен при експлозијата во четвртиот реактор. Но, не само тоа – тартуфите сè уште се полни со изотопи на цезиум од тестирањето на нуклеарното оружје во текот на Студената војна.

Поради оваа двојна доза на бавно ослободување на зрачењето, нивоата на контаминација забележани кај дивите свињи останале релативно константни со децении, додека остатокот од дивите животни во Чернобил успеа да се опорави – па дури и да напредува.