ВестиПопуларно

Како изгледа животот во затворот во кој почина Навални?

Рускиот опозициски политичар Алексеј Навални почина во затвор на 16-ти февруари. Служеше 19-годишна казна во затвор со највисока безбедност северно од Арктичкиот круг, во рускиот Јамало-Ненецки округ. Поправниот завод бр. 3 (ИК-3) со прекар „Поларен волк“ има озлголасенна репутација. За да дознае повеќе информации за суровите услови во затворот, „Медуза“ разговарала со луѓето кои служеле таму казна.

Управата на Поправниот завод бр. 3 известила за смртта на Алексеј Навални на 16-ти февруари. Наводно опозицискиот политичар изгубил свест по прошетката и не било можно да се реанимира, и покрај напорите на затворскиот персонал и болничарите. Според таблоидот „База“, лекарите го прогласиле Навални за мртов во 14:17 часот по локално време.

Изјавата за неговата смрт се појавила на веб-страницата на Федералната затворска управа два часа подоцна. „Причината за смртта се утврдува“. Од друга страна, руската мрежа „RT“ брзо објавила објаснување, тврдејќи дека Навални починал од „крвно згрутчување“.

„Кога прочитав дека наводно умрел од крвно згрутчување, им кажав на своите пријатели дека го убиле“, вели еден поранешен затвореник во „ИК-3“, потсетувајќи се на својата реакција на веста за смртта на опозицискиот лидер.

Ова лице минало околу пет години во затворот, а било ослободено кон средината на 2023-та. Вели дека две од тие пет години минал во самица во изолираниот дел на затворот резервиран за оние „под строги услови на притвор“. „Целата единица е прекриена со печурки, вклучувајќи го и ходникот. Таму печурки растат на подот“.

Постојат секции во „ИК-3“ се резервирани за затвореници кои се дури и под строги санкции на „СУС“. Ова го вклучува одделот кој содржи простории со една ќелија (ЕПКТ), каде затворениците се праќаат по казна за „упорно кршење“ на затворските прописи. Затворските службеници го префрлиле Навални таму на едногодишен период од јуни 2023-та. Рускиот опозициски политичар Владимир Кара-Мурза, кој служи 25 години затвор поради противење на руската војна против Украина, наводно е префрлен во тој оддел оваа година.

Еден активист за човекови права го опишал ЕПКТ како посебен затвор внатре во затворот. Друг поранешен затвореник во ИК-3, кој бил пуштен во 2022-ра, вели дека затворскиот оддел ЕПКТ е толку изолиран што другите затвореници не ни знаат кој е таму затворен.

Затворениците кои се под строги услови на притвор или во ЕПКТ исто така може да бидат ставени во казнена самица (SHIZO) до 15 дена поради продолжување на кршењето на прописите. Експертот од организација на правата на затворениците „Russia Behind Bars“ рекол дека овој вид на казна е секогаш мачење за затворениците. Навални бил ставен во казнена самица 27 пати во текот на служењето на казната.

На затворениците во казнена изолација дозволена им едночасовна прошетка секој ден, која според зборовите на двајцата поранешни затвореници се одвива во мали дворови со мрежа на врвот. Извори на „Медуза“ наведуваат и дека во еден момент се отстрануваат камерите кои го снимаат дворот. „Таму можете некого да силувате, да го убиете, да правите што сакате“, рекол еден поранешен затвореник кој бил претепан во дворот.

Тројца поранешни затвореници за „Медуза“ раскажале дека затворениците во казнена изолација се изведуваат на прошетка рано наутро. „Сами сте во дворот, освен ако некој кодош не донесен да ви се приклучи“, објаснил затвореник кој бил ослободен во 2023-та.

„Медуза“ не успеала да дознае детали за секојдневието на Навални ниту да одреди во кој дел од затворот бил чуван. Но, опозицискиот политичар претходно пишувал за излегување на прошетка во 6:30 наутро.

Поранешен затвореник изјавил дека сомнева во тврдењата на затворот дека медицинскиот персонал веднаш му притрчал на помош на Навални. „Не верувам, тоа е едноставно нереално“, рекол поранешен затвореник ослободен во 2018-та.

Овој поранешен затвореник, кој со години бил во ИК-3, не можел да се сети на ниеден случај во кој затворските лекари излегле од санитетскиот оддел за да лекуваат разболен затвореник. „Болните се носат во медицинскиот оддел. По правило ви даваат некоја таблета. Таму немаше никаква медицинска нега“.

Останатите затвореници исто така истакнале недостиг на соодветна медицинска нега и се жалат на односот на медицинскиот персонал. Додека едно лице кое било ослободено во 2022–ра година рекло дека работите се промениле на подобро по промената на персоналот во 2018-та година, друг затвореник кој бил ослободен минатата година не се согласил: „Медицинскиот персонал вели дека има лекови и дека кон осудениците се однесува како што тие би сакале да се однесуваат кон нив. Сето тоа е с*ање“.

Еден поранешен затвореник тврди дека еднаш проголтал метален предмет во знак на протест против незаконското постапување на затворскиот персонал и дека после тоа му било ускратено лекувањето. „Хирургот ги одби сите мои барања за хоспитализација иако добив воспаление. За малку ќе останев инвалид“, рекол тој за медуза. Верува и дека игнорирањето од затворскиот персонал било намерно.

„Ми се налутија и одлучија да ми наштетат. Намерно ги одбиваа моите барања за хоспитализација за да дојде до компликации или смрт“, рекол поранешен затвореник, додавајќи дека опериран дури по излегувањето од затвор.

Се потсетил на случаи кога медицинскиот персонал не ги лекувал правилно затворениците со болки во градите. „Имаше случаи затвореник да оди во медицинскиот оддел и да каже дека чувствува притисок и болка во градите. Ќе му дадеа аналгин и еден ден мирување. А следниот ден тој не се разбуди поради згрутчување во крвта“.

Во интервју за „Медуза“ лекарот кој ги советувал соработниците на Навални рекол дека смета дека крвно згрутчување е малку веројатна причина за смртта. Активисти за човекови права и адвокати кои разговарале со „Медуза“ исто така ги довеле во прашање тврдењата на затворските власти дека на Навални веднаш му била пружена соодветна помош.

Затворот ИК-3 се наоѓа во Харп, село во руската автономна област Јамало-Ненец, на 60 километри северно од Арктичкиот круг. Преместувањето на Навални во ИК-3 е прва пат било објавено во декември 2023-та. Пред тоа служел затвор во Владимирската област, во централна Русија.

Управникот на затворот Вадим Калињин е на чело на затворот ИК-3 од 2021-ва година. Повикувајќи се на протечени податоци од Министерството за внатрешни работи публикацијата „Можам да објаснам“ на Телеграм известила дека Калињин во 1999-та година бил обвинет за злоупотреба на позиција со тешки последици, што е казнено дело, но во меѓувреме бил амнестиран.

Затворениците Калињин го нарекле крволочен и тотален манијак и тврделе дека за него не важат закони.

Но, ИК-3 бил на лош глас поради своите сурови услови дури и пред Калињин да стане управник. На пример, во 2013-та година на интернет се појавило видео од затвореник во ИК-3 кој раскажува повеќе случаи на злоставување на затвореници, како чуварите со палки ги тепаат затворениците. Откако Навални бил префрлен во ИК-3 во декември минатата година, основачката на „Russia Behind Bars“ Олга Романова изјавила дека затворениците таму се мачени, стојат надвор на студено, а потоа се полеваат со студена вода.

Поранешните затвореници кои разговарале со Медуза се потсетиле на бројните насилни инциденти кои се случувале во затворот. Тројца од нив, кои таму биле затворени од 2013-та до 2017-та, се потсетиле дека веднаш по доаѓањето добиле ќотек. „Ме фрлија на подот и почнаа да ме удираат. Не знам колку траеше. Наутро, за ручек и вечера ми носеа корка црн леб. Ме тепаа, ми се закануваа, ме тераа да потпишувам документи. Не ги ни читав“, рекол еден поранешен затвореник.

Друг раскажал дека тој и останатите затвореници биле терани да се соблечат голи, ставени под туш, а потоа нападнати. „Персоналот дојде и почна да напаѓа луѓе со електрошокери, да ги тепа со палки. Ги тепаа сите. Потоа ни дадоа 40 секунди да се искапеме“.

Изворите на „Медуза“ велат дека персоналот во главно „не ги валка“ рацете поради страв од последиците. Наместо тоа, други затвореници ги мачат новодојденците. Затворскиот персонал сите валкани работи им ги дава на своите кодоши, кои добиваат привилегии во замена за тепање, мачење и заплашување на затворениците.

Изворите на Медуза исто така велат дека секој обид за отпор строго се казнува. Еден поранешен затвореник рекол дека го претепале до изнемоштеност откако се обидел да се пожали на условите. „Ребрата ми беа скршени и бев силуван“, рекол тој за „Медуза“.

Во такви околности сите се плашат да кажат нешто, вели еден затвореник. Според неговото мислење, затворските службеници ги „кршат“ луѓето кои се наоѓаат во ИК-3, а за некои психичкиот напор е неподнослив. „Бев таму кога луѓе се обидуваа да се обесат, кога си ги сечеа вените“.

Откако „RT“ извести дека Навални починал од крвно згрутчување, активистката Ана Каретинкова на Фејсбук напишала дека тоа е универзална дијагноза која е тешко да се докаже.

Поранешен затвореник се согласил. „Имаше маж кој умре од предозирање, а лекарите како причина наведоа згрутчување на крвта“, рекол тој за „Медуза“ под услов на анонимност.

Според друг поранешен затвореник во ИК-3, неколку смртни случаи во текот на три години додека бил таму биле сосема нејасни.

„Малку тела се преземаат, бидејќи тоа е скапо“
Затворските службеници по правило мора да ги известат роднините за смртта на затворениците во рок од 24 часа. Телото потоа се пренесува во најблиската државна мртовечница, каде членовите на семејството можат да го преземат за погреб. Еден поранешен затвореник изјавил дека малку тела се преземаат, бидејќи тоа е скапо.

Најблискиот аеродром се наоѓа во Салехард, град на 50 километри. Освен тоа, патот кој води до затворот минува преку реката Об, а таму нема мост. Само еден леден пат како опција за минување.

Ако никој не дојде по телата на затворениците, го закопуваат на локалните гробишта. Гробовите обично се обележани со дрвени крстови, а нивните имиња невнимателно се испишани на плочите.