ВестиПопуларно

Катарина осудена за убиство на бебе: Хоророт ја потресе Германија – го фрлила новороденчето „од страв дека ќе и ја уништи кариерата во позната компанија“

Катарина Јовановиќ од германската покраина Баден-Виртемберг е осудена на седум и пол години затвор бидејќи ја фрлила својата новородена ќерка низ прозорец. Страшното злосторство го извршила затоа што наводно се плашела дека нејзиното „дете ќе и ја уништи кариерата“.

Катарина пред три дена беше прогласена за виновна за убиство од небрежност во Окружниот суд во Хајлброн.

На суд се дозна дека Катарина пред 10 месеци тајно се породила дома, а потоа го фрлила своето бебе од прозорецот на станот на асфалтот, од повеќе од три и пол метри височина.

Телото на бебето со скршеница на черепот го пронашле преплашените минувачи, кои повикале полиција. На почетокот на судењето во април, Јовановиќ го призна делото, но не можеше да го објасни пред судот. Тврдела дека не ни знаела дека е бремена, но обвинителството ја обвини за убиство и намерно прикривање на бременоста.

Обвинителите тврдеа дека Јовановиќ мислела дека детето ќе и ја уништи кариерата како извршен директор во правниот оддел на позната автомобилска компанија.

– Обвинетата не била подготвена да ги стави во мирување своите животни планови, особено професионалниот напредок заради детето. Тоа беше нејзина одлука откако се породи, а критериумите за осуда за убиство беа исполнети – изјави јавната обвинителка Мареике Хафендоерфер.

Адвокатите на Катарина Јовановиќ тврдеа дека се работи за убиство од небрежност бидејќи таа случајно го испуштила бебето од раце, откако се породила сама дома, без воопшто да знае дека е бремена.

– Мојата клиентка не ни знаеше дека е бремена. Кога ненадејно држеше во раце крваво бебе, беше во извонредна психолошка ситуација – изјави бранителот Малте Хек.

– Тоа беше несреќен случај, таа го испушти бебето. Ќе се утврди како детето паднало низ прозорец – додава тој.

Судот на крајот го прифати помалото обвинение за убиство од небрежност, но ја осуди на седум и пол години затвор, што беше повеќе од трите години што одбраната ги бараше. Нејзиниот правен тим, исто така, најави дека ќе се жали на пресудата.

Соседите за локалните медиуми изјавија дека не знаеле дека Јовановиќ чека дете.

– Никој не забележа дека оваа жена е бремена. Неодамна се смени и повеќе не разговараше со нас, но мислевме дека е под стрес поради работата, раскажуваат соседите.