ВестиПопуларно

Пред две недели го снимаа како го носат со хеликоптер на лекување во Австрија, а сега ФЗО одбива плати за неговото лекување: Се огласи и фондот

18-годишниот Леонид Индов летово доживеа тешка несреќа при што сериозно го повреди ‘рбетниот мозок. За неговото лекување со месеци се собираа средства, а пред две недели тој беше првиот пациент кој беше испратен на лекување во Виена со камери и специјален хеликоптер.

Полетувањето беше проследено и од медиумите, на покана на институциите покажувајќи дека ова е прв ваков вид транспорт во државата. Опремата на медикоптерот е донација од Европската Унија, а лекарски тим од „8 Септември“ го придружуваше 18-годишниот Леонид се до клиниката во Австрија.

Тоа беше ризичен и комплексен транспорт бидејќи Леонид е на респиратор.

Сепак, денеска доаѓа информација од заменик народниот правобранител, Јован Андоновски, дека Фондот за здравство го одбил неговото барање за лекување во странство.

„Откако претставници на државни институции се испофалија дека младиот Леонид е транспортиран со специјализираниот хеликоптер на лекување во Виена, следува шок за него и семејството! Леонид веќе е неколку недели на лекување во Виена. Фондот за здравство и покрај конзилијарното мислење дека лицето мора да се лекува во странство, носи решение со кое се одбива барањето При тоа, во решението воопшто не се наведува која установа ја нуди потребната услуга, туку само дека лекувањето е можно во Македонија. Државата си игра со човечки живот. Барам ФЗО да ја преиспита одлуката“, стои во пораката на Андоновски.

Од ФЗО пак велат дека Леонид не е на лекување во странство, туку на рехабилитација, па затоа се одбило барањето.

„Барањето на осигуреното лице Б.И. од Скопје, за неговото дете Л.И. за упатување на лекување во странство се одби како неосновано зошто не се работи за упатување на лекување во странство, туку за извршување на здравствената услуга медицинска рехабилитација како продолжено болничко лекување. Медицинската рехабилитација како продолжено болничко лекување, Фондот за осигурените лица ја обезбедил во здравствените установи во Р.Северна Македонија со кои склучил договор“, извести Фондот за здравствено осигурување.