ВестиПопуларно

Сурово убиени сопругата и ќерките на познат новинар на “BBC”! Убиецот ги врзал, па ги застрелал со самострел: Сè уште е во бегство, во тек е огромна потера!

Три жени се убиени синоќа во британскиот град Хертфордшир, а полицијата соопшти дека за нивното убиство е осомничен дваесет и шестгодишниот Кајл Клифорд, кој е во бегство.

Британските медиуми пишуваат дека Клифорд со самострел ги убил сопругата и двете ќерки на познатиот спортски коментатор на Би-Би-Си Џон Хант.

Хант синоќа ги пронашол сопругата Керол и двете ќерки тешко повредени во нивниот дом во Буши, Хертфордшир.

Сите жртви од здобиените повреди починале набргу по пристигнувањето во болница. Според полициски извори на кои се повикува “Daily Mail“, тие биле врзани пред да бидат убиени.

Кајл Клифорд, за кој се верува дека е поранешен партнер на една од жртвите, стана цел на голема потера на островот. Полицијата предупредува дека најверојатно е вооружен, а граѓаните ги предупредуваат да не му приоѓаат, туку да повикаат полиција.

Силни полициски сили сè уште се на терен, додека во дворот од куќата е сместен форензички шатор.

Сосетката, која сакала да остане анонимна, изјавила дека не ги познава добро жртвите, но дека тие биле пријателски расположени.

– Ги гледавме секој ден, секогаш не поздравуваа. Тоа што се случи е навистина тажно и шокантно – изјавила сосетката.

Министерката за внатрешни работи на Обединетото Кралство Ивет Купер рече дека постојано добива информации за случајот и ги повика сите што имаат информации да контактираат со полицијата.

Локалниот советник Лоренс Брас, кој живее недалеку од местото на злосторството, рече дека областа е „типично британско предградие“.

„Синоќа околу осум часот гледав фудбал на телевизија, и одеднаш хеликоптер слета на тревникот пред мојот стан. Потоа го слушнав телефонот, добив предупредување дека имало инцидент во Буши и дека мораме да се држиме настрана, бидејќи очигледно некој е во бегство“ рекол тој.

Тој додал дека сите се шокирани, бидејќи не се сеќаваат кога се случило убиство во нивната мирна населба.

Друг жител рекол дека видел дури 11 полициски возила, вклучително и единици за брза реакција, четири амбулантни возила и пожарникари.

– Што и да се случило, навистина е лошо и сите се потресени – рекол тој.

Детективот Роб Хол од Одделението за крвни злосторства истакна дека ова е неверојатно тежок инцидент и дека е најтежок за семејството на жртвите и побара да се почитува нивната приватност.