Вести

Ја нарекуваа најгрдата жена, па животот и се промени на подобро

Лизи Веласкез, американски мотивациски говорник, активист и инфлуенсер, е родена со исклучително ретка болест наречена Marfanoid-Progeroid-Lipodystrophy синдром.

Кога јавноста првпат слушна за неа пред десет години, Лизи Веласкез беше наречена „најгрдата жена на светот“. Денеска има 35 години, а ретката болест никогаш не ја фрлила во очај. Напротив.

„Кога видов видео со наслов „Најгрдата жена на светот“ на Јутјуб, мојот живот целосно се промени. Читав страшни коментари, пишуваа дека треба да му направам услуга на светот и да си пукам во глава“, рекла еднаш Лизи.

„Знам што значи да се биде жртва на насилство, особено на интернет насилство. Би сакала да бидам заштитник на сите оние кои мислат дека ситуацијата нема да се подобри“, изјави Лизи.

„Наместо да се кријам во солзи, решив да бидам среќна. Сфатив дека овој синдром не е проблем, туку подарок што ми дава можност да станам подобра и да служам како инспирација за другите“, изјави таа.

Таа е родена со редок и тежок синдром кој, покрај другите симптоми, го спречува таложењето на телесните масти и зголемувањето на телесната тежина.

Никогаш не тежела повеќе од 29 килограми, а поради болеста на едното око е слепа, додека на другото има слаб вид.

Нејзиниот имунолошки систем е слаб, но повеќето нејзини органи функционираат. Преку неколку помали оброци, Веласкез мора да троши значително повеќе калории од просечниот човек дневно.

„Ги имам најдобрите родители на светот. Од моментот кога се родив, ме опсипуваа љубов. И тие не ме воспитаа само мене, туку и мојата сестра Марина и брат ми Крис, кои подеднакво ги сакаа. Таа љубов помножена со три ме донесе таму каде што сум денес“, рекла таа еднаш.

Лизи се родила четири недели пред терминот, а кога лекарите и покажале на мајката фотографија од малото бебе, жената заплакала.

„Неутешно плачев, не можев да се контролирам, но им реков да ми го донесат. Сакав да ја видам, да ја земам во раце и да ја сакам“, изјавила Рита Веласкез пред неколку години.

Таткото на Лизи во таа прилика додал дека неговата ќерка сфатила дека се разликува од другите штом тргнала во градинка. Другите деца не сакале да си играат со неа, а потоа родителите и кажале дека боледува од редок синдром. Велат дека од мали нозе била многу зрела.

Иако ја нарекуваат најгрдата жена на светот, Лизи тврди дека не би земала лекови за тешка болест, која ја прифатила како дел од себе.

„Не, нема шанси. Не би ни помислила на тоа. Да ми го поставивте истото прашање кога имав 13 или 14 години, веројатно ќе одговорев потврдно, ќе бев целосно за, ќе го тестирав лекот на мене, што и да требаше. Но, денес … Научив да се прифаќам себеси таква каква што сум. Да сменам нешто, тоа повеќе нема да биде Лизи, немаше да бидам вистинската јас“, заклучила таа.