ВестиПопуларно

“Не убиваме сиромашни луѓе”: Полицаец кој стана бандит ја води крвавата револуција на Хаити

Шеризије, облечен во својот „заштитен знак“ – панцир од кој не се дели, во последните интервјуа јасно стави до знаење дека е подготвен да пролее многу крв за да ги постигне своите цели.

Џими Шеризије, поранешен полицаец, а потоа и бандит кој ја води вооружената борба за преземање на власта во Хаити, сиромашна земја на Карибите, го носи прекарот „Скара“ – пишува американската новинска агенција NBC.

Шеризије тврди дека прекарот го добил затоа што неговата мајка имала штанд за пржено пилешко во сиромашните квартови на Порт-о-Пренс.

Но, други велат дека Шеризије го добил прекарот затоа што организирал повеќе масакри во главниот град од 2018 до 2020 година, во кои, според Обединетите нации, загинале десетици луѓе, од кои многумина биле живи запалени кога нивните домови биле намерно опожарени.

„Никогаш не би масакрирал луѓе од мојата социјална класа“, рече Шеризије во интервју за Асошиејтед прес во 2019 година. „Роден сум покрај гетото Ла Салина. Живеам во гето. Знам каков е животот во гето.

Но, Шеризије, облечен во неговиот „заштитен знак“ – панцир од кој не се дели, во последните интервјуа јасно стави до знаење дека е подготвен да пролее многу крв за да ги постигне своите цели.

„Нема да ги лажеме луѓето велејќи дека водиме мирна револуција“, изјави тој за новинската агенција Ројтерс во вторникот. „Ние немаме мирна револуција. Ние водиме крвава револуција“.

Една од првите жртви на крвавата револуција на Шеризије беше премиерот на Хаити, Ариел Анри, кој во вторникот најави дека ќе поднесе оставка и ќе ја распушти Владата веднаш штом ќе биде формиран Советот на преодна власт.

Силите на Шерзије го опседнаа и блокираа главниот меѓународен аеродром на Хаити, разменија оган со армиските трупи во близина на владините згради и ослободија речиси 4.000 членови на бандата од затворот во Порт-о-Пренс минатата недела.

Во интервјуата, Шеризије се споредува себеси со Мартин Лутер Кинг Џуниор, Малколм Екс, Фидел Кастро, па дури и со Робин Худ. Тој е обожавател и на хаиќанскиот диктатор Франсоа „Папа Док“ Дувалие, кој владеел со цврста рака од 1957 до 1971 година.

„Јасно е дека тој ја гледа својата улога како месија и така се претставува себеси“, изјави неодамна за NBC Роберт Фатон, професор по политика на Универзитетот во Вирџинија и експерт за Хаити.

Шеризије е тесно поврзан со хаиќанската партија „Тет Кале“ (PHTK), една од најмоќните – пишува „InSight Crime“, непрофитна организација која го истражува организираниот криминал во Латинска Америка и на Карибите.

Додека Анри е заглавен во Порторико бидејќи не може да се врати дома поради насилството, Шеризије го пополнува вакуумот за моќ.

Се верува дека најновиот владетел на Хаити има 48 или 49 години. Шерижје е од сиромашна населба во Порт-о-Пренс. Најмлад од осумте деца, тој имал пет години кога починал татко му, а мајка му водела штанд за пржено пилешко за да го издржува семејството.

Шеризије пред да ја води борбата за власт на Хаити бил полицаец – пишува во известувањето на ОН за санкциите што му беа воведени од 21 октомври 2022 година.

Додека сè уште служел во полициските сили, Шеризије „планирал и учествувал во смртоносен напад врз граѓани во ноември 2018 година во населбата Порт-о-Пренс позната како Ла Салин“, за која вели дека била негова населба.

Најмалку 71 лице било убиено, повеќе од 400 куќи биле уништени, „а најмалку седум жени беа силувани од вооружени бандити“ – се вели во соопштението на ОН за санкции.

Тоа беше најтешкиот масакр на Хаити во последната деценија. Шеризије бил отпуштен од полицијата и по него е распишана потерница – објавија локалните медиуми на Хаити. Затоа во 2020 година американското Министерство за финансии го означи како прекршител на човековите права.

Но Шеризије успеал да избегне какво било апсење.

Во текот на следните две години, Шеризије водеше „вооружени групи во координирани, брутални напади“ во различни населби на Порт-о-Пренс „каде беа убиени цивили и изгорени куќи“ – соопшти ОН.

Според „InSight Crime“, оружјето, возилата и полициските униформи што ги користеле силите на Шеризије за време на тие масакри биле набавени со помош на највисоките функционери на владата на претседателот Џовенел Мојс, кој беше убиен во 2021 година.

Од 11 октомври 2022 година, Шеризије и неговите сили го блокираа снабдувањето со гориво на Хаити од најголемиот терминал, а ОН оценија дека „неговите постапки директно придонеле за економска парализа и хуманитарна криза“ во таа земја, што довело до масовното незадоволство кое се претвори во вооружен конфликт. Полицијата на Хаити во саботата објави дека извршила рација во седиштето на бандата на Шеризије и во акцијата убила неколку криминалци, но не се споменува дека тој самиот бил уапсен или убиен.