ПопуларноСпорт

Интервју со Гаго Ангеловски, фитнес тренер: Седентарните професии привлекуваат многу луѓе кон фитнесот


Гаго е сертифициран фитнес тренер во Синерџи фитнес центарот, а паралелно се занимава и со моделинг. Како што вели, неговата спортска позадина е фудбалот, кој за жал не го однел во дресовите на Манчестер Јунајтед и Реал Мадрид.


Лом: Кој беше моментот во твојот живот што те натера да се посветиш на кариера во фитнесот, и како тоа го обликуваше твојот пристап кон тренингот?


Гаго: Од рана возраст се занимавам со спорт и спорт е практично се што знам. Долги години поминати на фудбалските терени не ми дозволија едноставно да престанам со било каков тип на тренинг. Тежинскиот тренинг ми е тој аутлет со кој го трошам вишокот на енергија.


Лом: Кој или што беше твојата најголема инспирација во твоето фитнес патување, и како ја претвораш таа инспирација во мотивација за твоите клиенти?

Гаго: Инспирации имам еден куп. Татко ми кој цел живот професионално се бавеше и сеуште се бави со кајакарење и моите ментори и воедно колеги кои ме внесоа во теретана.


Лом: Можеш ли да споделиш значаен предизвик со кој си се соочил во твоето сопствено фитнес патување, и како надминувањето на истиот го трансформираше твојот пристап кон тренирање на клиентите?


Гаго: Кој не влегува во водата не може да се удави. Како долгогодишен спортист сум се соочил со 1001 различна повреда кои за да можам да ги санирам, мораше да ги проучам заедно со начинот на кој нашите тела функционираат. Тоа знаење ми овозможува да им помогнам на клиентите кои се соочуваат со слични предизвици и проблеми.


Лом: Која е твојата филозофија за трансформација на начинот на живот на клиентот преку фитнес, и како го прилагодувате овој пристап кон индивидуалните потреби?


Гаго: Психологијата е различна кај секој човек, па се обидувам да се адаптирам на потребите. Некои луѓе сакаат тврд пристап, тврда рака, некои сакаат бодрење од страна на тренерот. Се научив да ги применувам и двете методи.


Лом: Како интегрирате нутритивен совет со вашите фитнес програми, и можете ли да споделите успешна приказна каде овој пристап направи значајна разлика?


Гаго: Сум работел со крајни случаи како анорексија во кои сум успеал да интервенирам успешно, сум се соочил и со случаи со обезност. Луѓето бегаат во крајности, па целта е да се доведат до еден избалансиран начин на живот.


Лом: Кои иновативни техники за тренирање или технологии те привлекуваат во моментов, и како ги инкорпорираш во твоите програми?


Гаго: Се обидувам да не бидам егоманијак, меѓутоа верувам дека тоа што не е расипано не треба да се поправа. Иновативни техники секогаш ќе бидат добредојдени, меѓутоа има конзервативни начини кои се докажале при многу нови испитувања дека се оптимални.


Лом: Кој актуелен тренд во фитнесот мислиш дека има најголемо влијание на здравјето на луѓето, и зошто?


Гаго: Седентарните професии направија многу луѓе кои немаат спортска историја да почнат да се бават со фитнес. Многу фитнес методи како кросфит, АТГ програмата и добриот, стар тежински тренинг се сериозен фактор за подобрување на сеопштото здравје кај луѓето.


Лом: Кој основен совет би го дале на некој кој штотуку започнува со своето фитнес патување, особено на оние кои се чувствуваат преморени или исплашени од предизвикот?


Гаго: Не брзај. За година од сега ќе се прашуваш зошто не си почнал порано.


Лом: Како ги мотивираш твоите клиенти на долг рок, особено кога се соочуваат со пречки?”


Гаго: Се обидувам да им ги посочам малите победи. Давам лесни предизвици кои им даваат чувство на исполнетост.