Технологија

(ВИДЕО) Неверојатно откритие на Марс: Илјадници тони замрзната вода се пронајдени на врвот на вулкан, постои можност за појава на живот

На Марс, илјадници тони замрзната вода се откриени на врвот на вулкан, покажува новото истражување на американските научници објавено во списанието „Nature Geoscience“.

Новото истражување на Марс го разгледува регионот Тарсис, кој е најголемиот планински венец во целиот Сончев систем.

Можноста за појава на живот

Планините се наоѓаат на екваторот на планетата, а откривањето на замрзната вода на Марс е значајно бидејќи појавата на вода е најважниот показател дека постои можност за појава на живот, тврдат научниците, објави Индепендент.

Новата студија на американските научници, предводена од Адамс Валантинас од Универзитетот Браун, покажува дека мразот се кондензира секоја вечер на планините на Марс пред да испари во утринската топлина.

Откриена е огромна јама

„Она што го гледаме можеби е остаток од антички климатски циклус на Марс, каде што во минатото имало врнежи од дожд, а можеби дури и снег на овие вулкани“, рече Валантинас.

Научниците неодамна објавија дека на Марс има течна вода најмалку 200 милиони години.

Претходно, на Марс беше откриена огромна јама со дијаметар од неколку метри и длабочина од околу 178 метри, која ја сними камера на НАСА.